Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски нема да поднесе оставка, туку ќе ја чека процедурата за неговото разрешување што ја иницираше Владата. Коцевски, при неговото прво појавување по иницијативата рече дека ќе го прифати разрешувањето доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тој ја повика јавноста да процени дали ќе биде разрешен законски или незаконски.
– Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сè уште ќе работам согласно законот. Ако се исполнети условите според Законот за Јавното обвинителство, ќе го прифатам тоа и нека ме разрешат. Но, доколку не се исполнети законските услови, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит или на незаконит начин – рече обвинителот Коцевски.
Тој додаде дека ќе го чека целосниот текст на предлогот на Владата за неговото разрешување.
– Доколку се утврди дека се работи за тешка дисциплинска повреда како што е во законот јас навистина ќе се повлечам, доколку така проценам од она што ќе го добијам во предлогот, иницијативата. Од она што го слушнав во јавноста, што да коментирам, тука нема никаква тешка дисциплинска повреда – рече Коцевски.