Background

Спасовски: Гајдов фалсификувал документи за да ја спаси Марија Митева

Почитуван претседателе, почитувани колеги пратеници, господине Гајдов, ви благодарам и за воведното излагање и за ставовите што ги изнесовте во однос на работењето на Агенцијата, нејзиното значење и надлежностите што ги има. Со ефикасното работење на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер се создаваат услови институциите да бидат транспарентни, да ја јакнат довербата кај граѓаните и преку транспарентноста да се намалува корупцијата. Впрочем, и во воведниот дел од извештајот ги посочувате сите активности што Агенцијата ги презела во изминатиот период.

Сега ќе отворам неколку прашања за кои сметам дека не одат во прилог на тоа што овде го говорите пред пратениците, ниту на начинот на кој се работи во Агенцијата, и ќе ви изнесам конкретни примери за состојбата.

Ако јас се посомневам во работењето на Агенцијата, врз основа на одредени предмети и постапки, тогаш сериозно ќе се разниша довербата во институцијата. Во тој случај, зборовите што ги упатувате за транспарентност, ефикасност, борба против корупцијата и сè друго ќе паднат во вода.

- Advertisement -
Ad image

Од тој аспект, морам да кажам дека не може многу да се верува во тоа што го говорите. А зошто го кажувам тоа? Вие сте вработен во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, чинам, 21 година.

Сте се вработиле на работното место помошник-раководител на Секторот за правни, општи

работи и управни постапки, во рамките на Секторот за управно-правни работи, за кое се барал еден извршител. Ова е јавниот оглас врз основа на кој сте се вработиле. Во јавниот оглас е наведено дека предвиденото вработување, согласно со Годишниот план на институцијата за 2020 година, е за Албанец, односно Албанка.

Од решението со кое е извршен изборот јасно се гледа дека сте биле избран за помошник-раководител на тоа работно место како етнички Албанец. Јас не навлегувам во тоа дали сте Албанец, Македонец, Кинез или нешто друго. Секој има право слободно да ја изрази својата национална припадност. Но, вие сте Албанец сè до моментот кога треба да конкурирате за директор на институцијата.

Пред да конкурирате за директор на институцијата, давате изјава заверена кај нотар. Еве ја изјавата во која велите:

„Јас, Петар Гајдов, со матичен број тој и тој, од Скопје, вработен во Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, на работното место помошник-раководител на Секторот за управно-правни и општи работи, под целосна морална, материјална и кривична одговорност, изјавувам дека во моментот кога ја давам оваа изјава себеси се чувствувам како Македонец, со македонска национална свест, и му припаѓам на македонскиот народ.“

И ова воопшто не е спорно. Веројатно, и претходно, под целосна материјална, кривична и секаква друга одговорност, сте се чувствувале како Албанец и сте му припаѓале на албанскиот народ, само за да дојдете до работното место. Ова говори за кредибилитетот на човекот што ја води институцијата за која тврди дека треба да има кредибилитет, доверба, јакнење на институционалниот интегритет и така натаму.

Јас не можам да верувам во работите што се случуваат таму. Тоа што тогаш сте биле примени во време на СДСМ не е важно. Ниту партиската припадност е важна. Важно е дали сте ги манипулирале фактите во врска со вашето вработување. Тоа е клучното прашање.

Сега да продолжиме со работењето на Агенцијата. Во извештајот ги наведувате сите жалби и предмети по кои сте постапувале.

Заради јавноста, вие добро знаете дека во тој период, пред да станете директор, сте бил претседател на Прекршочната комисија во Агенцијата.

Претседател на Прекршочната комисија бил Петар Гајдов, а членови биле Василка Поп-Ѓорѓиева и Инџи Џоџа. Меѓу другите предмети, постои еден предмет што е интересен за јавноста. Но моето внимание не е насочено кон самиот предмет, туку кон начинот на кој сте го затвориле.

Без да навлегувам во исправноста или неисправноста на тоа што сте го направиле, предметот се однесува на Марија Митева, тогашна портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, а денес портпаролка на Владата и претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Покрај другите институции, и политичките партии имаат обврска да поднесуваат извештаи за тоа на кого му одговориле, на кого не му одговориле и кому му овозможиле пристап до информации. Во врска со тоа била поднесена жалба до тогашната Агенција.

Во Агенцијата било констатирано дека работата не е завршена и дека треба да се поведе прекршочна постапка. Предметот бил упатен до Прекршочната комисија, чиј претседател бил Петар Гајдов.

Дотука нема ништо спорно. Но каде настанува спорот? Повторно ќе зборуваме за кредибилитетот. Немам ништо против да го затворите предметот, но треба да го затворите како што треба.

Ако сте познавач на оваа област, ако сакате да ѝ помогнете на Марија Митева и на ВМРО-ДПМНЕ и ако поради таа помош сакате да добиете одредена позиција и да станете директор, тогаш барем треба да ги средите работите така што ќе покажете дека навистина сте добар експерт.

Вие донесувате решение со кое, практично, се запира постапката, со образложение дека нема услови за изрекување прекршочна санкција. Еве го решението, донесено на 26 [датумот е нејасен во оригиналот]. Еве го решението.

Во него стои дека постапката против Марија Митева, службено лице за посредување со информации од јавен карактер кај имателот на информации ВМРО-ДПМНЕ, се запира затоа што не подготвила и не доставила извештај до Агенцијата, согласно со член 115 став 2 од Законот за прекршоците.

Потоа следува образложение во кое објаснувате како се одвивала целата постапка и, меѓу другото, велите:

„Прекршочната комисија на 24.7.2025 година, по електронска пошта, го извести службеното лице за посредување со информации од јавен карактер“, односно Марија Митева, „дека има право, во рок од три дена од денот на приемот на известувањето, да се изјасни за фактите и доказите во врска со сторениот прекршок“, што е во согласност со процедурата.

Значи, на 24.7.2025 година ѝ доставувате писмено известување по електронска пошта на Марија Митева за да се изјасни дали се чувствува виновна и дали има нешто да наведе во своја одбрана, за потоа Комисијата да донесе одлука.

Но, што е чудно и што е невистинито? Овде имаме записник од одржана седница на  Прекршочната комисија. Станува збор за записник од 21. седница на Прекршочната комисија при Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, одржана на 21 [недостига целосниот датум] 2025 година.

Тоа е три дена пред да ја започнете постапката со доставувањето на писмото до лицето задолжено за слободен пристап до информации.

Во записникот наведувате дека на седницата биле присутни членовите на Прекршочната комисија: Петар Гајдов, Василка Поп-Ѓорѓиева и Инџи Џоџа. Но другите двајца членови, Василка Поп-Ѓорѓиева и Инџи Џоџа, не присуствувале. Постојат нивни изјави дека не биле присутни.

Значи, ова е записник што вие сте го составиле.

Во записникот, меѓу другото, во точката 2 – „Постапување по прекршочни предмети“, ги наведувате сите предмети, меѓу кои и предметот за Марија Митева. Наведувате дека, по спроведената постапка за службените лица за посредување со информации од јавен карактер, треба да се донесе решение за глоба, односно да се утврди дека сторителот на прекршокот, како службено лице, не ја исполнил законската обврска во пропишаниот рок.

Меѓутоа, за предметот што се однесува на Марија Митева, уште на 21-ви наведувате дека постапката ќе се запре.

А на 24 јули ја започнувате постапката за да утврдите дали таа треба да се запре, преку прибирање одговори и спроведување на другите дејства.

Според тоа, господине Гајдов, јас сум скептичен и апсолутно повеќе не верувам во ниту еден податок што сте го доставиле до Собранието. Ако можете вака да манипулирате со податоците што ги имате, притоа знаејќи дека на тој начин ги доведувате во прашање службената положба и овластувањата, а денес раководите со институцијата во која сте фалсификувале документи и факти, тогаш зошто некој би ви верувал дека истото не се случило и со другите шестотини и кусур предмети?

Мислам дека е крајно некоректно да имате ваков пристап. Крајно некоректно.

Како што кажав и на почетокот, личниот кредибилитет е многу важен. Од човек кој пред пет години се изјаснувал како Албанец за да добие работно место во Агенцијата, а пет години подоцна, кога треба да стане директор, се изјаснува како најголем Македонец, верувајте, очекувам сè.

Поради сето ова, мислам дека треба да се срамите и вие, и партијата што ве поставила за директор. Не смеете да ја срамите и институцијата со која раководите.

Со ова, мислам дека приказната завршува. Сте покажале дека сакате да завршите работа, но, очигледно, не знаете како правилно да го направите тоа. Ако веќе сте сакале да ја спроведете постапката како што треба, тогаш барем записникот требало да го составите по 24.7.2025 година.

Ова се податоците и документите со кои располагаме. Имам уште неколку документи, но за нив ќе зборуваме во друга пригода.

Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=hsgNWo5Fh-g

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation