Кремљ реагираше на новиот пакет мерки против Русија што го изгласа американскиот Конгрес и кој сега го чека потписот на претседателот Доналд Трамп. Портпаролот Дмитриј Песков оцени дека евентуалното воведување нови американски санкции би ги усложнило напорите за мир во Украина.
Документот не воведува автоматски царини, туку му дава на Трамп овластување да воведе царини до 100% за земјите што купуваат руска нафта и гас. Се чека одлуката на Трамп.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков мерките ги нарече „непријателски чекори“.
– Секако, го следиме усвојувањето на овој документ. Тоа спаѓа во категоријата непријателски дејства. И, секако, воведувањето дополнителни санкции од САД дефинитивно би ги усложнило напорите за изнаоѓање мирно решение во Украина – изјави Песков.
Предупредувањето доаѓа во момент кога дипломатскиот процес веќе се соочува со предизвици.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна испрати двајца претставници во Москва и Киев во обид повторно да ги активира разговорите.
Но, паралелно со дипломатијата, од Вашингтон пристигнува значително посилен инструмент за економски притисок.
Претставничкиот дом го усвои Законот за санкционирање на Русија и Иран „Линдзи О. Греам“, кој претходно помина и во Сенатот со 86 гласа „за“ и 11 „против“. По гласањето во Претставничкиот дом, законот оди кај Трамп за потпис.
Највпечатливата мерка во пакетот не е директно насочена кон Москва. Законот му дава овластување на американскиот претседател да воведе царини до 100% за стоки од земјите што свесно купуваат руска сурова нафта или природен гас. Мерката може да ги погоди и најголемите купувачи на руските енергенси.
Со тоа Вашингтон се обидува да удри по приходите на Москва преку нејзините клиенти. Меѓу земјите што се во фокусот се Кина и Индија, кои се големи купувачи на руска енергија.
Пакетот оди и чекор понатаму. До 100% царини може да добијат и земјите што се меѓу петте најголеми посредници во заобиколувањето на санкциите за руската нафта. Американскиот трговски претставник ќе може да ја преиспитува листата на секои 180 дена.
Законот предвидува санкции и против руски функционери, олигарси, финансиски институции и субјекти поврзани со енергетскиот и одбранбениот сектор. Посебна цел е таканаречената „флота во сенка“ – танкери што Москва ги користи за извоз на нафта и заобиколување на постојните ограничувања.
Уште една силна одредба му наложува на претседателот да воведе царини до 500% за стоки што доаѓаат директно од Русија. Пакетот истовремено го продолжува Законот за санкции против Иран до 2031 година.
Токму широките царински овластувања предизвикаа отпор кај дел од демократите. Нивниот аргумент е дека претседателот добива премногу простор за еднострано воведување царини, со можни последици и врз цените во САД. Сепак, 58 демократи им се придружија на републиканците и гласаа за пакетот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
