Детето масовен убиец Коста Кецмановиќ во психијатриската болница каде што е затворен, научил да покажува емоции, почнал да верува во Бог и побарал да се исповеда, рече вчера судијата Драган Мартиновиќ, за време на образложението на затворската пресуда на неговите родители Владимир и Миљана Кецмановиќ.
Во Вишиот суд во Белград претседателот на судечкиот совет Мартиновиќ изнесе многу детаљи за ужасното злосторство што досега не беа познати за јавноста.
Коста во мај 2023 година со пиштолите на татко му уби 9 деца и чуварот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград.
Откако ги осуди Владимир и Миљана Кецмановиќ на вкупно 17 години и пет месеци затвор за кривичните дела Тешко кривично дело против општата безбедност и Занемарување и злоупотреба на малолетно лице, судијата во обемно и исклучително емотивно образложение, детално ги објасни причините за својата одлука и презентираше информации за моменталната ментална состојба на малолетниот сторител на масакрот.
Судот констатира дека од денот на извршување на кривичното дело, малолетникот се наоѓа во специјализирана психијатриска установа, каде што нема никаков контакт со надворешниот свет, освен лекарите и полицајците кои се грижат за неговата безбедност.
– За време на престојот во психијатриска установа тој научил да покажува емоции, почнал да верува во Бога и побарал да се исповеда. Тој исто така рекол дека сега разбира зошто неговиот татко му рекол да не им кажува на пријателите дека оди на стрелиште. Изјавил дека денес се чувствува позрел и дека сега може да ги разбере и да и објасни емоциите – објасни судијата.
Судијата Мартиновиќ рече и дека Коста ги открил мотивот за масакрот за време на сведочењето во постапката против неговите родители. Рекол дека мотивот за она што го направил во училиштето е тоа што се чувствувал отфрлен и неценет. Не можел да се вклопи, а ако се обидел да биде во некое друштво, го игноритале или го бркале.
Рекол дека го имал тоа чувство во шесто и во седмо одделение. Се чувствувал отфрлен и на екскурзијата и тоа го фрустрирало.
Коста рекол дека најважно за неговата мајка било тој да биде најдобар, да даде сè од себе. Таа му се лутела кога не постигнувал резултати, покажувала гнев кон него, му се дерела, па потоа тој ѝ се лутел.
Рекол дека сака да избега од домот и од семејството и дека злосторството било патот кон тоа. Бил свесен дека ќе биде затворен и го сакал тоа. Очекувал да биде казнет со затворска казна.
Откако неговиот татко еднаш го нарекол психопат, тој почнал да се идентификува со тој поим. Престанал да биде среќен и се обидел да си докаже дека е психопат.
Коста изјавил дека две или три недели пред масакрот ја донел одлуката и почнал да го планира злосторството.
Рекол дека имало многу луѓе и ситуации што можеле да го спречат, бидејќи до последниот момент не бил сигурен дека ќе ги стори убиствата.
Кажал и дека посакува неговите родители да забележале дека нешто му се случува и да го спречиле.
Додал и дека не се обратил на никого за помош бидејќи тоа немало смисла и било „глупаво“.
Судијата Мартиновиќ рече дека се докажало дека малолетниот убиец бил психички запоставен, но не и луд. Тој истакна дека бројните пропусти во родителскиот надзор и непрепознавањето на проблемите на детето биле меѓу клучните околности што судот ги зел предвид при донесувањето на пресудата.
Судијата во образложението ги читаше повредите што ги претрпеле децата, на што судницата беше преплавена со солзи на родителите на жртвите, семејствата и присутната јавност.
Судијата откри дека момчето не истражувало дали ќе биде казнет, туку се надевало дека ќе биде казнет за да се оддалечи од своето семејство. Поради заштита на малолетници, судијата нагласи дека не може да ги открие деталите од неговата преписка со девојката со која имал емотивна врска.
Еден од клучните докази на затвореното судење е видеоснимка од куќата на Кецмановиќ, на која се гледа како вечерта пред масакрот се приближува до камерата во дневната соба, мавта кон неа, се смешка, а потоа ја покрива со кошула. После тоа Коста зел два пиштола од местото каде татко му ги чувал.
Беше откриено и дека момчето размислувало дали да ја информира мајка си за тоа што направил, но се откажал од страв од нејзината реакција.
– Тој избрал да испука голем број куршуми наместо да ја информира мајка си. Ја повикал полицијата, а не неа – истакна судијата.
Тој силно го истакна начинот на воспитување на родителите Кецмановиќ, нагласувајќи дека таткото Владимир го обучувал својот син да ракува со огнено оружје во 4 наврати.
Судијата изјави дека родителите го запоставиле својот син до таа мера што во судбоносното утро никој од нив не влегол во неговата соба да го провери, ниту пак го прашале зошто претходно ја покривал камерата во дневната соба. Ја отфрли одбраната на родителите дека тие не го сториле тоа поради „почитување на приватноста“, со образложение дека камерата ја покривала заедничката дневна соба и ходникот, а не спалната соба или бањата.
– Тука не зборуваме за школување, туку за воспитување. Момчето било образовано, но не и воспитано во љубов. Не им верувал на родителите за да им каже како се чувствува – рече судијата.
Мартиновиќ го пренесе и трогателниот исказ на едно од преживеаните девојчиња од училницата, која го опишала изгледот на напаѓачот за време на пукањето: „Изгледаше како робот. Ѓавол со замрзнато лице… Ги оверуваше децата на подот“.
Судијата објасни и зошто изрекувањето на пресудата намерно е отворено за јавноста, а претодхните рочишта – затворени. Рече дека претходно во медиумите се појавиле неточни информации од судењето. Според судијата, за време на првото судење, некој од судницата лажно им го пренел на медиумите одговорот на Коста на прашање за неговиот дедо и семејството Звицер во Цетиње. Судијата прецизираше дека Коста на тоа прашање всушност одговори: „Мојот дедо не направил ништо“ и додал дека можеле нормално да одат во Цетиње. Судијата, исто така, потсети дека рочиштето на кое сведочеле родителите на убиените дека било едно од најтешките, исклучително емотивно, и дека и камен ќе заплачел.
На крајот судијата Драган Мартиновиќ изјави дека Судот смета дека родителите на обвинетиот го сториле кривичното дело со можна намера. Изрази надеж дека оваа пресуда, без оглед на каква било политика, ќе биде силен поттик за промена на домашното законодавство за намалувањето на старосната граница за кривична одговорност на малолетниците, како и за воведување строга забрана за пристап на децата до стрелиштата.
Во злосторствотошто ги потресе потресе Србија и целиот, на 2 мај 2023 година, тогаш 13-годишниот Коста Кецмановиќ уби 9 ученици и чуварот на училиштети, а 6 деца и наставничка по историја беа ранети.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
