Тројца нуркачи нападнале кинески инструктор на длабочина од околу 15 метри на Малдивите, при што настанала жестока подводна пресметка. Инструкторот Сјао Ду тврди дека еден од напаѓачите се обидел да му го извади регулаторот за дишење. Бизарниот инцидент бил снимен со камер. Инструкторот успеал да се извлече и да исплива на површината.
Тој подоцна ги обвинил напаѓачите дека се обиделе да го убијат.
Инцидентот се случил на 28 октомври, на нуркачката локација Куда Рах Тила, додека Ду, кој во тој момент не бил на должност, нуркал со пријател.
Според неговото сведоштво за локалните медиуми, местото било преполно со нуркачи кога тројца мажи им се приближиле.
Еден од нив допливал одоздола и го турнал. Кога се обидел да се оддалечи, го удрил Ду со перките, по што започнала физичката пресметка.
На видеото се гледа како еден нуркач го фаќа инструкторот за раката, додека друг посегнува кон неговото лице. Ду се обидува да ги оттргне со нозете, носејќи нуркачки перки.
Кинескиот инструктор тврди дека еден од учесниците бил локален водич за нуркање и дека во текот на борбата некој се обидел да му го отстрани регулаторот преку кој дишел под вода.
Откако успеал да исплива на површината, Ду се соочил со нуркачите. На друга снимка, направена од брод, се слуша како гневно им се обраќа.
– Дојдовте до мене, ме зграпчивте! Се обидовте да ми го земете регулаторот. Се обидовте да ме убиете под вода, тројцата! Тројца против еден, тоа е многу грубо! – им викал инструкторот.
Компанијата „Малдивс леџенд флит“ (Maldives Legend Fleet), со чиј брод нуркале Ду и неговиот пријател, потврдила дека се случил инцидент во кој биле вклучени нејзини гости и водич за нуркање од друг брод, наречен „Инфинити икс“.
– Свесни сме за видео што циркулира на интернет, а кое се однесува на инцидент од 28 октомври 2026 година на локацијата Куда Рах Тила, во кој биле вклучени нуркачи од еден од нашите бродови и водич за нуркање од друг брод – соопштила компанијата.
Оттаму нагласиле дека случајот го сфаќаат сериозно и дека го пријавиле кај надлежните органи, кои спроведуваат истрага.
– Безбедноста во нуркањето отсекогаш била наш врвен приоритет. Ја слушнавме верзијата на настаните од нашите гости и го пријавивме инцидентот до надлежните органи за истрага – наведуваат од компанијата.
Директорот за продажба и маркетинг потврдил дека по инцидентот бил суспендиран еден од нивните водичи за нуркање.
Според првичните информации на компанијата, конфликтот започнал меѓу водич од друг брод и еден од нејзините гости, по што интервенирал и нејзиниот нуркачки тим.
– Свесни сме дека последователно се изнесени сериозни обвинувања во врска со однесувањето на нашиот професионален нуркач. Овие обвинувања, заедно со сите околности на инцидентот, бараат внимателна и непристрасна истрага – изјавил директорот.
Компанијата најавила дека нема дополнително да ги коментира деталите додека надлежните органи го истражуваат случајот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
