Група поранешни функционери на СДСМ се претставуваат како нова надеж. Гордан Георгиев, Игор Ивановски, Андреј Петров, Славјанка Петровска, Никола Ќуркчиев и Емилијан Станковиќ јавно побараа промена на раководството на СДСМ и заминување на Венко Филипче. Тие тврдат дека не основаат нова партија и дека не настапуваат со независни листи.
Иницијативата е без јасен организатор и без транспарентна структура, а разговорите се одржуваат по правилата на Chatham House. Кој го плаќа просторот, логистиката и кампањата на една платформа која бара јавна доверба? Онаму каде што нема одговор, се појавуваат сомнежи.
ЗНАМ на Максим Димитриевски е формиран во октомври 2023, а потоа влезе во коалиција со власта. Голем дел од неговите луѓе се поранешни социјалдемократи што преку тој пат опстанаа на функции. Тоа е политички факт кој се гледа низ цела Македонија. Сега дел од членството незадоволно од ЗНАМ се враќа кон СДСМ, а во истиот момент се појавува нова иницијатива која ја раситнува истата опозиција.
Критичарите на платформата велат дека тие биле на високи функции кога се формираше првиот ЗНАМ и молчеа. Прашањето кон Петров, кој е меѓу најгласните, е јасно: какво беше неговото место во претходните движења и зошто на јавната сцена излегува дури сега?
Игор Ивановски беше потпретседател на СДСМ, а според партијата и генерален секретар, и шеф на тимот што ја пишуваше програмата во 2024. Петров беше шеф на изборниот штаб во Првата изборна единица, каде СДСМ доби само тројца пратеници. Петровска беше министерка за одбрана. Ќуркчиев беше генерален секретар, а Станковиќ портпарол. Никој од нив не се кандидираше против Филипче кога имаше можност.
За Ќуркчиев има и посебно прашање. Филипче тврди дека фирма поврзана со него добила државен тендер од 1,6 милиони евра. Ќуркчиев одговара дека документот е фалсификат и најавува кривична пријава. Судот ќе каже кој е во право, а до тогаш јавноста има право да прашува.
Петре Шилегов прв јавно побара оставка од Филипче, а денес платформата се огради од него, за него е започната постапка за исклучување од СДСМ. Фронтменот е отфрлен, а ликовите што останаа, тие што беа дел од поразот, се претставуваат како решение.
Прашањето за сомнителен капитал од соседството е сериозно и заслужува одговор, но адресата е владата. Алта банка влезе во Македонија под оваа власт, со согласност на регулаторот, и СДСМ бара истрага. Ако Вучиќ падне на изборите во Србија, тие финансиски текови ќе треба да се објаснат, и тоа не од платформата, туку од оние што ја пуштија банката.
Платформата, пак, може лесно да го затвори сомнежот. Ако сака доверба, нека објави кој ја финансира, кој е организаторот и кој седи зад закрчените врати. Додека тоа не го стори, СДСМ ќе има право да ја нарекува „ЗНАМ 2.0″.
Tagged as:
Амар Мециновиќ Андреј Петров Бранко Црвенковски венко Филипче ВМРО ДПМНЕ внатрепартиски избори Гордан Георгиев Емилијан Станковиќ ЗНАМ ЗНАМ 2.0. Игор Ивановски Левица Максим Димитриевски Никола Ќуркчиев опозиција опозициски фронт Петре Шилегов платформа 12:05 Разговори за иднината сдсм Славјанка Петровска транспарентност финансирање Христијан Мицкоски Шема шемаџии
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
