Легендарниот италијански пејач, пијанист и кантавтор Пепино ди Капри почина на 87-годишна возраст. Неговиот глас, кој со децении беше препознатлив дел од музичката слика на Италија, засекогаш замолкна на 11 јули на неговиот сакан остров Капри.
Роден како Џузепе Фаjела на 27 јули 1939 година, токму на островот Капри ја започнал својата неверојатна животна и музичка приказна. Починал тивко, по долго боледување, само неколку недели пред својот 88. роденден.
Зад себе остави богато музичко наследство и песни што станаа дел од колективната меморија и од културниот идентитет на Италија. Неговата смрт не е само заминување на еден музичар, туку и крај на една ера што тој ја обележа со својот стил и незаборавни балади.
Неговиот музички пат започнал речиси како филмска приказна. Како четиригодишно чудо од дете свирел пијано за американските војници стационирани на Капри по Втората светска војна. Токму тогаш првпат се сретнал со американските музички стандарди и џезот, што подоцна силно влијаело врз неговото творештво.
Иако пет години студирал класична музика, во средината на педесеттите години го открил рокенролот и тоа целосно му го променило животот. Во 1958 година со својот бенд „The Rockers“ ги снимил првите песни, меѓу кои „Malatia“ и „Nun è peccato“.
Успехот бил моментален. Пепино ди Капри станал еден од првите италијански изведувачи што успеале да ја спојат традиционалната неаполска канцона со рок и поп ритмите, создавајќи современ звук без да ги напуштат музичките корени.
Во шеесеттите години стана симбол на безгрижната епоха на италијанскиот економски подем. Хитовите како „St. Tropez Twist“ и неговата обработка на песната „Let’s Twist Again“ го направија еден од најпопуларните музичари во земјата.
Со елегантен костум, пијано и својот оркестар „The Rockers“, создаде имиџ на префинет забавувач. Неговата популарност беше толку голема што во 1965 година доби чест да ги отвора концертите на легендарните Битлси за време на нивната единствена турнеја низ Италија.
Во тој период ја создаде и баладата „Roberta“, посветена на неговата прва сопруга Роберта Стопи. Песната стана симбол на романтичната италијанска музика од шеесеттите години.
По краток период на помала активност кон крајот на деценијата, Ди Капри се врати на голема врата. Во 1970 година победи на Фестивалот на неаполската песна со „Me chiamme ammore“, а потоа следуваа годините што засекогаш го врежаа во историјата на италијанската музика.
Тој настапи рекордни 15 пати на фестивалот Санремо. Првата победа ја освои во 1973 година со баладата „Un grande amore e niente più“, а во 1976 година повторно триумфираше со песната „Non lo faccio più“.
Но, ако постои една песна што засекогаш ќе остане синоним за Пепино ди Капри, тогаш тоа е „Champagne“.
Снимена кон крајот на 1973 година, таа стана светски феномен и една од најпознатите италијански песни на сите времиња. Нејзиниот меланхоличен, но свечен рефрен влезе во колективната меморија и стана неизоставен дел од свадби, прослави, новогодишни дочеци и телевизиски емисии ширум светот.
Песна што истовремено слави и тагува, „Champagne“ прерасна во безвременски класик што ги надживеа трендовите и генерациите. Токму таа му донесе огромна популарност надвор од Италија, особено во Германија, Шпанија и Бразил, каде што до крајот на животот беше пречекуван како вистинска музичка икона.
Неговата творечка енергија не згасна ниту во подоцнежните децении. Во осумдесеттите и деведесеттите години продолжи да објавува нови хитови, а во 1991 година ја претставуваше Италија на Евровизија со песната „Comme è ddoce ‘o mare“, испеана на неаполски дијалект.
Во кариера што траеше повеќе од шест децении продаде милиони плочи, објави стотици песни и остави неизбришлива трага во музиката. Неговото влијание го препозна и нобеловецот Орхан Памук, кој го спомнува во своите романи.
Во 2018 година, по повод 60 години кариера, одржа распродаден концерт во историскиот Театар Сан Карло во Неапол, најстариот активен оперски театар во светот.
Пепино ди Капри беше повеќе од пејач. Тој беше хроничар на емоциите, музички иноватор и вистински господин на италијанската сцена. Зад себе остави три деца, а неговата музика ќе продолжи да живее и да потсетува на уметникот чиј живот беше целосно посветен на песната.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
