Во пораст е бројот на пациенти кои побарале помош од ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија поради стрес поврзан со претрпено семејно или партнерско насилство.
Психијатри од клиниката ретроспективно ги прегледуваа електронските здравствени записи во системот „Мој Термин“ за периодот од јануари 2025 до јули 2026 година, за дијагнозите F.43 (растројства поврзани со стрес ), со цел идентификување на случаите на семејно или партнерско насилство поврзани со оваа дијагноза.
Податоците покажуваат дека во 2025 година биле евидентирани 79 лица кои имале потешкотии поврзани со трпење семејно или партнерско насилство, а само во првите седум месеци од 2026 година – 101. Ова покажува дека вкупните 101 случај во првите седум месеци од годинава веќе ја надминуваат бројката за целата 2025 година.
Оваа медицинска евиденција ја претстави проф. д-р Славица Арсова на предавањето „Форензички аспекти на семејното насилство: епидемиологија, последици врз менталното здравје и терапевтската и форензичката улога на психијатарот“, во рамки на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026 што викендов се одржува во Охрид.
Најголем број случаи во 2026 година биле евидентирани во март – 27, април – 23 и во јуни – 21. Токму овој период се поклопува со трагичниот настан кога мајка заедно со своето дете скокна од балкон во Скопје, како последица на претрпено долготрајно семејство насилство.
Проф. д-р Арсова посочи дека бројките од Клиниката треба да се толкуваат како податоци за евидентирани случаи во медицинската документација и тие сами по себе не мора да покажуваат дека насилството во општеството се зголемило. Промената може да биде поврзана и со подобро препознавање, документирање или упатување на пациентите или со поголема ажурност на институциите кога станува збор за случаите поврзани со семејно насилство.
Анализираната медицинска документација покажува дека психолошките потешкотии поврзани со семејно или интимно-партнерско насилство, во вид на акутен одговор на стрес ,пострауматско растројство или потешкотии во адаптација се евидентирани кај пациенти од различни возрасни групи. Просечната возраст во анализата е 40 години. Евидентирани се 19 пациенти помлади од 18 години и 29 пациенти на возраст од 60 години или повеќе. Во однос на полот, три пати повеќе се застапени жените.
Податоците од Клиниката за психијатрија се надоврзуваат на пошироката слика во државата. Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, пријавите за семејно насилство се зголемиле од 4.421 во 2022 година на 5.436 во 2025 година, што е раст од 23 проценти.
Во 2025 година, во категориите на МВР најчесто како жртви биле евидентирани сопруги – 1.438, родители – 1.000 и поранешни брачни партнери – 708. Во истиот период биле регистрирани 1.195 кривични дела поврзани со семејно насилство, наспроти 1.117 во 2022 година..
Во предавањето беше нагласена потребата здравствените професионалци да поставуваат прашања за безбедноста на пациентите, обезбедувајќи сигурен простор, систематски да ги документираат видот и траењето на насилството и да ги следат протоколите за вклучување на сите надлежни институции. Препознавањето на насилството е важно за соодветна психијатриска поддршка, процена на ризикот и поврзување на пациентите со потребната заштита.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
