Background

Хаос пред Миланската катедрала, албански знамиња меѓу демонстрантите

Илјадници граѓани излегоа денеска на улиците на повеќе италијански градови во знак на протест против високите трошоци за живот, но демонстрациите прераснаа во насилни судири со полицијата.

Најдраматично беше во Милано, каде што групи демонстранти поставуваа барикади и напаѓаа полициски возила, додека немири избувнаа и во Болоња и Торино.

Во Милано протестот против поскапувањата и ниските плати собра повеќе од 5.000 луѓе, според „Кориере дела сера“.

- Advertisement -
Ad image

Демонстрациите беа организирани под името „Италија на плоштад“ (Italia in Piazza), како дел од пошироката мобилизација против зголемените животни трошоци.

Првите поголеми судири избувнаа во центарот на градот, на улицата „Бролето“, кога групи млади демонстранти почнаа да фрлаат камења, петарди и други предмети кон полицијата.

Полицајците одговорија со интервенции за потиснување на толпата, по што протестната поворка се раздели на повеќе групи.

Дел од демонстрантите продолжија кон плоштадот Дуомо, пред познатата Миланска катедрала.

Таму ситуацијата дополнително ескалираше, а полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера насобраните.

Барикади пред Миланската катедрала, нападнати полициски возила

На плоштадот Дуомо стотици демонстранти се судрија со полициските единици распоредени пред катедралата.

Според италијанските медиуми, дел од нив фрлале камени коцки, метални огради и импровизирани експлозивни направи кон полицајците.

Во еден момент поголема група демонстранти го нападнала полицискиот кордон, принудувајќи ги полицајците привремено да се повлечат.

Притоа било оштетено и ограбено возило на карабинерите, а оштетувања претрпеле и други полициски возила, објави „Скај ТГ24“.

Демонстрантите поставувале барикади од метални огради и корпи за отпадоци, обидувајќи се да го спречат напредувањето на полицијата.

Полициските сили пристигнале со дополнителни возила и опрема за разбивање демонстрации, а воден топ бил употребен и на улицата „Виторио Емануеле“.

 

 

За време на судирите биле оштетени автобуски постојки и прозорци на историски згради во центарот.

Продавниците ги спуштиле заштитните решетки, додека туристите се повлекувале од плоштадот.

Метростаницата Дуомо привремено била затворена поради безбедносната ситуација.

Според АНСА, медицинските служби интервенирале кај околу 20 лица во центарот на Милано, од кои приближно половина биле пренесени на болнички преглед.

Меѓу повредените имало и полицајци, а двајца службеници биле погодени со камени коцки во главата.

Италијанските власти сè уште немале објавено конечен биланс на повредени и приведени.

Албански знамиња во Милано, поддршка за протестите во Тирана

Посебно внимание привлекол дел од демонстрантите што носеле албански знамиња. Според АНСА, станувало збор за групи млади луѓе со покриени лица, кои изразувале поддршка за протестите што истовремено се одржуваат во албанската престолнина.

Италијанската агенција наведува дека овие групи не биле класични организирани формации на „црниот блок“, туку претежно млади луѓе од периферните делови на градот.

Тие учествувале во судирите во близина на плоштадот Кордузио, пред немирите да се префрлат кон Миланската катедрала.

Овој детал покажува дека дел од демонстрантите во Милано се повикувале и на случувањата во Тирана, иако главната причина за италијанските протести биле економските проблеми.

Нема потврдени информации дека протестите во двете земји биле организациски поврзани.

 

 

Во Болоња велосипеди претворени во барикади

Жестоки судири избувнале и во Болоња, каде што протестната поворка првично се движела мирно низ центарот на градот.

Демонстрантите носеле транспаренти против поскапувањата, барајќи поголема заштита на животниот стандард. Според „Кориере дела сера“, на протестот учествувале околу 3.000 луѓе, претежно млади.

Ситуацијата се променила кога дел од демонстрантите се одвоиле од поворката и се упатиле кон железничката станица.

На плоштадот „Медаље д’Оро“ групи со покриени лица почнале да фрлаат камења, шишиња и други предмети кон полицијата.

Некои демонстранти превртеле десетици велосипеди за изнајмување, користејќи ги како импровизирани барикади. За блокирање на улиците биле употребени и метални огради и материјали од градилишта.

Полицијата интервенирала со водени топови и солзавец, а судирите продолжиле и на околните булевари.

Во немирите била повредена и една полицајка.

Според АНСА, приведени се најмалку 7 лица. Градоначалникот на Болоња, Матео Лепоре, го осудил насилството и повикал на изолирање на насилните групи.

Локалните медиуми наведуваат дека дел од мирните демонстранти се обидувале да ги спречат насилните инциденти.

Немири и во Торино, нападната книжарница

Протести се одржале и во Торино, каде што исто така дошло до судири и тензии меѓу демонстрантите и полицијата. Според „Скај ТГ24“, група млади луѓе нападнала книжарница на „Фелтринели“, предизвикувајќи материјална штета.

Во текот на немирите биле фрлани шишиња и други предмети кон полицијата, која интервенирала со средства за растерување на толпата.

АНСА известува дека имало и несогласувања меѓу самите демонстранти.

Организаторите се обидувале да спречат дел од младите учесници да маршираат со покриени лица, барајќи протестот да остане мирен.

Тензиите дополнително се зголемиле кога дел од поворката се обидел да продолжи надвор од предвидената маршрута.

Протестите во трите града биле дел од поширокото незадоволство поради поскапувањата, ниските плати, трошоците за гориво и состојбите во јавните услуги.

Меѓу барањата на демонстрантите биле и поголеми вложувања во здравството и образованието, како и мерки за подобрување на животниот стандард.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖