Владата и партиските соопштенија со недели повторуваат дека Македонија има најниски цени на горива во регионот. Тоа делумно е точно, но пропагандата молчи за другата страна на медалот: минималната плата во земјава е меѓу најниските во Европа. Кога двете бројки се стават една до друга, сликата за „поволната“ Македонија значително се менува.
——————————————————————————————————————————————————————————-
Во последните месеци редовно се пласира пораката дека Македонија е вистински „рај за возачите“, со најниски цени на горива во регионот. Според официјални податоци, литар бензин БС95 во земјава чини 99 денари, наспроти 129 денари во Грција, 126 во Албанија, 108 во Србија, 107 во Хрватска, 106 во Црна Гора и Словенија и 104 денари во Босна и Херцеговина. Владата ваквите резултати ги поврзува со намалувањето на ДДВ за дизел од 18 на 10 отсто и со интервенции кај акцизите, кои требало да го ублажат ударот од глобалната енергетска криза.
Проблемот настанува кога оваа приказна се презентира изолирано, како целосна слика за животниот стандард. Кога пропагандата е посилна од реалноста, проблемите не исчезнуваат, туку само се таложат и одложуваат за подоцна. А реалноста, откако ќе се погледне куповната моќ на граѓаните, изгледа многу поразлично од сликата на бензинската пумпа.
Каде е Македонија со минималната плата
Синдикатите веќе подолго време предупредуваат дека минималната плата во земјава изнесува околу 397 евра, а по последната корекција од март 2026 година се движи околу 26.000 денари, односно околу 420 евра. Тоа Македонија ја позиционира на самото дно во регионот, зад речиси сите соседи.
За споредба, минималната плата во Србија од јануари 2026 година изнесува околу 551 евро, откако владата ја зголеми за над 10 отсто. Во Црна Гора минималната плата се движи меѓу 600 евра за работници со средно образование и 800 евра за оние со високо образование. Во Република Српска, ентитет во Босна и Херцеговина, минималната нето плата од јануари 2026 година изнесува околу 511 евра, а во Федерацијата БиХ околу 525 евра. Хрватска ја има минималната плата над 840 евра бруto, со нето износ кој веќе надминува 677 евра, а трендот е континуиран раст. Словенија, пак, е далеку пред сите: од јануари 2026 година минималната плата изнесува 1.482 евра бруто, односно околу 1.000 евра нето, зголемена за цели 16 отсто во однос на претходната година.
Дури и Косово, земја со послаба економија од македонската, ја зголемува минималната плата во две фази, од 350 на 500 евра до јули 2026 година.
Што значи ова во куповна моќ
Кога овие бројки се стават една до друга, станува јасно дека евтините горива не значат автоматски и поевтин живот за граѓанинот. Работник со минимална плата во Словенија, дури и по плаќање повисоки цени за гориво, останува со многу поголема сума за останатите трошоци, отколку работникот во Македонија. Истото важи и за Хрватска, Србија, Црна Гора и Република Српска, каде минималните плати се двојно или речиси двојно повисоки од македонската.
Со други зборови, разликата од 20 до 30 денари по литар гориво, колку што изнесува предноста на Македонија во однос на регионот, лесно се губи и се преобрне во недостаток, штом се земе предвид дека платата од која граѓанинот го полни резервоарот е за стотици евра пониска.
Дополнителен проблем е и просечната плата. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната нето плата во земјава изнесува околу 800 евра, додека во Словенија просечните примања надминуваат 1.680 евра, а во Хрватска медијалната плата е над 1.300 евра. Разликата од скоро цела просечна македонска плата зборува повеќе од секое соопштение за „најефтините горива“.
Пропаганда наспроти реалност
Пораката за најефтините горива во регионот не е невистинита, туку е нецелосна. Таа е избрана бројка која зборува убаво само кога се набљудува изолирано, надвор од контекст. Реалната економска слика на едно семејство не се состои само од цената на литар гориво, туку од целиот сооднос меѓу примањата и трошоците, вклучувајќи струја, храна, кирија, здравство и образование.
Ако Владата навистина сака да покаже дека граѓаните живеат подобро, компаративната анализа треба да ги вклучи сите параметри, не само оние кои одат во нејзина корист. Во спротивно, зборуваме за селективна статистика која создава привид на просперитет, додека реалната куповна моќ на македонскиот граѓанин останува најслаба во регионот.
Дотогаш, граѓаните ќе продолжат да полнат резервоари по пониски цени, но со најмали плати во џебот, а токму таа комбинација, а не изолираната цена на горивото, е вистинската мерка за квалитетот на живот.
Сашо Денесовски
Tagged as:
БиХ минимална плата животен стандард Македонија инфлација Балкан куповна моќ Македонија Македонија тврди дека има најевтини горива во регионот минимална плата Македонија минимална плата регион но со најниска минимална плата на Балканот. Целосна анализа на куповната моќ во споредба со Србија Словенија Словенија минимална плата Србија минимална плата хрватска Хрватска минимална плата цени на горива Македонија Црна Гора и БИХ Црна Гора минимална плата
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
