Сите граѓани се еднакви во оваа држава особено кога станува збор за плаќање на даноци и законот не препознава етничка припадност, изјави министерката за финансии Гордана Димитиреска-Кочоска.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Рина Ајдари од Европскиот фронт, која обвини дека УЈП ретроактивно поднесува даночни пријави за работници во странство, при што најпогодени биле граѓани од албанската етничка припадност од Полошкиот и од Кумановскиот Регион, Димитриеска-Кочоска ги отфрли ваквите тврдења.
– Кога станува збор за даночни обврски, немојте да мешате етнички припадности. Сите граѓани сме еднакви во оваа држава, од многу аспекти, а па за данокот посебно. Тука нема третман. и не се само Македонци и Албанци во оваа држава. Има и Турци, има и Срби, има и Власи. Законот јасно кажува. Управата за јавни приходи во изминатиот период имаше многу известувања по однос на ова прашање и таа е институцијата која што постапува согласно Закон – посочи министерката.
Според министерката клучното прашање е дали данокот е платен или не. Таа оцени дека Управата за јавни приходи (УЈП) постапува во согласност со законските одредби, кои дозволуваат проверка на неплатени даночни обврски до пет години.
– Кај законите, кога станува збор за даноци, нема ретроактивност. Законот дозволува пет години наназад да се вратите и тука нема ретроактивност, туку пет години наназад, кој нема платено данок, има обврска да го плати. Управата за јавни приходи во изминатиот период многу пати одговараше по однос на ова прашање и имаше известувања до граѓаните. Тоа што некогаш не се преземале контроли, а сега се преземаат, тоа е одлука, најверојатно на луѓето кои што работеле и по регионалните дирекции и тоа требало да го направат во моментот кога констатирале дека има одредени приливи на сметките кај граѓаните, а притоа тие истите граѓани, иако се должни согласно Закон да ги пријават даночните обврски, не ги пријавиле. И во рок од пет години има обврска УЈП тоа да го констатира и да го побара да се плати – рече министерката.
Министерката потенцираше дека не треба од оваа тема да се прават етнички тензии и дека данокот не препознава Македонци или Албанци и дека даночните стапки се однесуваат на сите.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
