Премиерот Мицкоски изјави дека за прославата на 35-годишнината од независноста не бил потрошен ниту еден денар народни пари. Но, од 167. седница на Владата излезе на виделина дека АД „Државна лотарија”, која е стопроцентно во сопственост на државата, треба да ја организира прославата со пет милиони евра народни пари – пари на граѓаните, рече Филипче.
Тој нагласи дека средствата со кои располага Државната лотарија не се приватни пари или донации, туку пари што им припаѓаат на граѓаните.
Случајот добива дополнителна тежина ако се земе предвид дека Преперим Бајрами, поранешен директор на Лотарија на Македонија, и Артан Груби, поранешен вицепремиер, се обвинети токму во врска со случајот „Лотарија” за проневера. Поставува се основано прашање: доколку двајцата се гонат за наводна злоупотреба на средства од истата институција, каква е правната и институционалната одговорност на актуелното раководство – директорот Александар Климоски, кој е и професор по право, и Управниот одбор на Лотарија на Македонија ,за одлуката да се издвојат 5 милиони евра народни пари за приватна манифестација со учество на Дејвид Гета, организирана преку агенцијата „Авалон”?
Правна рамка
Според Законот за игри на среќа и забавни игри, Лотарија на Македонија е акционерско друштво во стопроцентна сопственост на државата, чиј капитал и добивка формално претставуваат државна, односно јавна сопственост. Оттука произлегуваат неколку клучни правни прашања:
1. Статус на средствата. Бидејќи АД „Државна лотарија” е во целосна државна сопственост, нејзините финансиски средства, по правило, подлежат на режимот на располагање со јавни средства, дури и кога формално не се преку буџетот. Ова значи дека одлуките за нивно трошење треба да бидат транспарентни и образложени, со јасна јавна цел.
2. Надлежност за донесување одлуки. Клучно е прашањето дали одлуката за издвојување на 5 милиони евра поминала низ законски пропишана процедура , одлука на Управниот одбор, согласност од Собранието на акционери (односно Владата како единствен акционер), и дали постои јавен интерес што ја оправдува ваквата инвестиција.
3. Кривичноправен аспект. Доколку постои основано сомневање дека средствата се употребени спротивно на намената или без соодветна правна основа, тоа отвора можност за примена на одредбите од Кривичниот законик кои се однесуваат на злоупотреба на службена положба и авторитет (член 353) или проневера (член 247), под услов да се утврди умисла и противправна имотна корист или штета.
4. Одговорност на управувачките органи. Директорот и членовите на Управниот одбор, согласно Законот за трговски друштва, имаат обврска да управуваат со имотот на друштвото со внимание на добар стопанственик. Секое отстапување од оваа обврска, доколку резултира со штета за друштвото или за државата како сопственик, може да повлече граѓанска, а во потешки случаи и кривична одговорност.
Прашањето дали актуелното раководство треба да одговара на ист начин како и претходното останува отворено и ќе зависи од наодите на надлежните институции , Јавното обвинителство, Државниот завод за ревизија и, доколку се поднесат пријави, судот.
С.Д.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
