
Три и пол децении откако граѓаните на Македонија на историскиот референдум од 8 септември 1991 година се изјаснија за суверена и самостојна држава. 35 години независност – јубилеј што ја сумира една од најбурните, но и најзначајни етапи во современата македонска историја.
Од референдумското „за“ под слоганот „Гласам за Македонија“, преку мирното осамостојување и тешката битка за меѓународно признавање, до приемот во Обединетите нации, конфликтот од 2001 година, Охридскиот рамковен договор, спорот за името, Договорот со Бугарија и Преспанскиот договор – патот на македонската држава беше исполнет со историски пресврти, политички кризи, тешки компромиси и постојана борба за стабилност и меѓународна афирмација.
Денот на независноста, 8 Септември, е еден од најзначајните датуми во современата македонска историја – ден кога граѓаните, во услови на распаѓање на поранешната југословенска федерација, демократски ја избраа самостојноста како пат за иднината на државата.
Сто и осумнаесет години од Крушевската република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ се одбележуваат денеска на на 2 Август – Денот на Републиката. Со Илинденското востание и Крушевскатa република.
Идејата за македонска државност не започнува со референдумот во 1991 година. Таа се надоврзува на повеќедецениските стремежи за национална и политичка афирмација, на традициите на Илинденското востание и Крушевската Република од 1903 година, како и на одлуките на Првото заседание на АСНОМ.
На 2 август 1944 година, во манастирот „Прохор Пчински“, беше одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ, на кое беа поставени темелите на современата македонска државност.
По завршувањето на Втората светска војна, Македонија стана една од федералните единици во рамките на тогашна Југославија. Во следните децении се развиваа институциите на македонската држава, се кодифицираше македонскиот литературен јазик и се конституираа националните културни и научни установи.
Распадот на Југославија кон крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите, сепак, отвори нова историска етапа – прашањето за целосна државна самостојност.
Почетокот на 1990-тите донесе крупни политички промени во цела Источна и Југоисточна Европа. Падот на комунистичките режими и воведувањето на повеќепартиски политички системи создадоа нова политичка реалност. На крајот на осумдесеттите години на XX век тешкотиите во политичкиот и економскиот живот предизвикаа промени и во Македонија со кои ќе се обезбеди побрз развој на демократијата и стопанството. Покрај единствената партија која беше на власт – Сојузот на комунистите, почнаа да се создаваат и други политички партии.
Првите повеќепартиски парламентарни избори во Македонија беа одржани во 1990 година, со што започна процесот на политички плурализам и демократска трансформација на политичкиот систем. Беше избрана првата Влада, предводена од Никола Кљусев. Согласно Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, донесена на 25 јануари 1991 година, основна цел на Владата беше конституирање на Македонија како независна држава.
Во текот на мандатот на оваа влада е одржан референдумот за независност на Македонија, но со додвавката во прашето која гласеше „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“, усвоен е Уставот на Република Македонија, како и монетарното осамостојување на државата.
Во тоа време, југословенската федерација се наоѓаше во длабока политичка криза. Различните визии за иднината на Југославија и растечките национални и политички спротивставувања доведоа до прогласување независност на неколку републики.
Во такви околности, македонското државно раководство и институциите започнаа процес кој ќе доведе до прогласувањето на независноста.
На 8 септември 1991 година беше одржан референдумот за независност, кој останува еден од најважните демократски настани во историјата на македонската држава. На референдумот му претходеше Декларација за сувереност, која ја усвои првиот повеќепартиски македонски парламент на 25 јануари 1991 година.
Граѓаните на референдумот одговараа на прашањето:
„Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“
Под слоганот „Гласам за Македонија“, граѓаните во голем број излегоа на гласање и убедливо ја поддржаа независноста.
Според официјалните резултати, од граѓаните што гласаа, повеќе од 95 проценти се изјаснија „за“ суверена и самостојна Македонија.
На гласањето, од 1.495.807 гласачи излегоа 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85%, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% (односно 72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас)
Референдумот беше израз на демократската волја на мнозинството граѓани и обезбеди политички легитимитет за натамошниот процес на осамостојување.
Вечерта на 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје е организирана прослава, на која се одбележа успешниот резултат од референдумот. На прославата куси обраќања имаа првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, првиот претседател на Владата, Никола Кљусев, и првиот претседател на Собранието, Стојан Андов.
Киро Глигоров од бината на плоштадот им се обрати на граѓаните со зборовите: „Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“
Таа порака остана како симбол на историскиот момент кога Македонија ја потврди својата определба за самостоен државен пат.
Формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Со тоа институционално беше потврдена волјата на граѓаните за суверена и независна држава.
Само два месеца подоцна, на 17 ноември 1991 година, беше донесен Уставот на Република Македонија, со кој беа поставени темелите на новиот политички и правен систем.
Со Уставот Македонија беше дефинирана како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а беа утврдени основните принципи на парламентарната демократија, поделбата на власта и заштитата на човековите права и слободи.
Македонскиот пат кон независноста имаше една важна специфичност – осамостојувањето беше реализирано без оружен конфликт.
Во период кога распадот на Југославија беше проследен со војни во Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, Македонија успеа да го избегне сценариото на непосреден оружен судир.
Повлекувањето на Југословенската Народна Армија од територијата на Македонија во 1992 година беше реализирано по мирен пат, со тоа што ЈНА не само што го однесе сето оружје, туку ги корнеше и електричните приклучоци од касарните.
На 21 февруари 1992 година во Скопје беше постигнат и потпишан договор за дислокација, односно повлекување на Југословенската Народна Армија (ЈНА) од територијата на Република Македонија. Договорот го потпишаа претседателот Киро Глигоров и генерал-полковникот Благоје Аџиќ, началник на Генералштабот на ЈНА.
Повлекувањето се одвиваше мирно и без оружени судири, што беше од особено значење во периодот кога во други делови од поранешна Југославија веќе траеја воени конфликти. Беше повлечено речиси целото тешко вооружување, артилеријата, тенковите, авионите и друга воена опрема, оставајќи ги воените објекти оштетени или празни.
Последниот припадник на ЈНА ја напушти Македонија на 27 март 1992 година, со што процесот на воено осамостојување на државата беше завршен.
Со заминувањето на ЈНА, граничните премини и воените објекти беа преземени од страна на новоформираните вооружени сили на Република Македонија и полицијата.
Овој настан е еден од клучните моменти во процесот на осамостојувањето, бидејќи Македонија стана единствената поранешна југословенска република од која ЈНА се повлече без воен конфликт.
Но, мирното осамостојување не значеше и лесен почеток. Новата држава веднаш се соочи со сериозни економски проблеми, распад на дотогашниот заеднички југословенски пазар, последици од санкциите во регионот и сложени предизвици во воспоставувањето на сопствена монетарна, економска и безбедносна инфраструктура.
Еден од најголемите предизвици за новата држава беше обезбедувањето меѓународно признавање.
По неуспехот на Конференцијата за мирно решавање на кризата во Југославија, на 16 декември 1991 година беше донесена Декларација за дисолуција на Југославија со која се упати повик до југословенските републики да се изјаснат дали сакаат да станат независни и меѓународно признати држави.
Македонија заедно со три од шесте поранешни југословенски републики, Словенија, Хрватска и БиХ, позитивно се изјаснија за Декларацијата. Но, иако само Македонија и Словенија добија позитивни оцени од специјално формираната Бадентерова комисија дека ги задоволуваат условите за стекнување независност, Европската заедница во јануари 1992 година ги призна само Словенија и Хрватска, а за нашата змеја постави услов – ќе биде признаена смао ако во името не го содржи зборот Македонија.
Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Бугарија и Турција беа првите држави што ја признаа државноста на Македонија. Потоа следуваа признавањата од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и многу други земји.
Спорот со Грција околу името „Македонија“ стана сериозна пречка во процесот на меѓународна интеграција.
И покрај тоа, на 8 април 1993 година со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на Светската организација. Сепак, поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ООН беше направено со привремената референца – Поранешна Југословенска Република Македонија.
Во следните години државата воспостави дипломатски односи со голем број земји и постепено го зацврстуваше својот меѓународен субјективитет.
Во 1995 година беше потпишана Времената спогодба со Грција, откако претходно Грција воведе блокада над нашата држава.
Првите години од независноста беа обележани и со сложен процес на транзиција од социјалистички кон пазарен економски систем.
Приватизацијата на општествениот капитал, затворањето или преструктуирањето на голем број претпријатија и растот на невработеноста од 190 000 на 31 декември 1992 гоиидна на 330 000 невработени во 1998 година, и бројните афери на ограбување на граѓаните, како со битолската ТАТ, создадоа сериозни социјални последици.
Истовремено, државата ги градеше институциите неопходни за функционирање на независен политички и економски систем.
Во 1992 година беше воведена националната валута – македонскиот денар, а се создаваа и институциите на современата држава – дипломатската служба, армијата, централната банка и другите клучни државни структури.
Процесот на демократска консолидација, сепак, не беше без проблеми. Во следните децении Македонија се соочуваше со политички кризи, остри поделби меѓу политичките партии, обвинувања за корупција и предизвици во владеењето на правото.
Десет години по независноста, Македонија се соочи со најсериозната безбедносна криза во својата понова историја.
Во 2001 година избувна оружен конфликт меѓу безбедносните сили и вооружени групи на етнички Албанци.
Конфликтот ја загрози стабилноста на државата и отвори сериозни прашања за меѓуетничките односи.
Комитетот за односи меѓу заедниците денеска ќе одржи свечена седница по повод одбележувањето на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Со посредство на меѓународната заедница, во август 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор.
Договорот донесе политичка рамка за прекин на конфликтот и реформи во системот, насочени кон унапредување на правата на заедниците и обезбедување поголема застапеност на етничките заедници во институциите.
Европската интеграција уште од првите години на независноста беше поставена како една од стратешките цели на државата.
Во 2005 година Македонија доби статус на кандидат за членство во Европската Унија.
Но, и покрај препораките на Европската комисија за почеток на преговори, процесот беше блокиран повеќе години поради спорот со Грција за името.
По решавањето на спорот со Грција, во 2020 година Европската Унија донесе политичка одлука за пристапни преговори со Македонија која официјално го носеше и го носи името „Северна акедонија“.
Процесот, сепак, продолжи да биде проследен со нови билатерални прашања и условувања, овојпат поврзани со односите со Бугарија која врз основа на Договорот за добрососедство од 2017 година почна да ај условува нашата држава.
И покрај долгогодишните пречки, членството во Европската Унија останува една од централните стратешки определби на македонската држава.
Преспанскиот договор беше потпишан во 2018 година, а со неговото спроведување државата го промени своето уставно име во Република Северна Македонија и покрај тоа што на референдумот од 30 септември 2018 година граѓаните го одбија преименувањето на државата.
На 27 март 2020 година Северна Македонија и официјално стана 30-та членка на НАТО.
Во 35 години независност, Македонија помина низ процес кој многу други држави го градеа со децении. 35 години во кои државата се соочуваше со прашања што директно го засегаа нејзиниот идентитет, име, меѓународно признавање, безбедност и европска перспектива.
Од поранешна федерална единица во Југославија, земјата изгради сопствени институции, сопствена армија, дипломатска мрежа, монетарен систем и меѓународен субјективитет.
Без оглед на политичките поделби и различните оценки за одлуките што беа носени во изминатите децении, 8 Септември 1991 година останува точката од која започна современата историја на независната македонска држава.
Tagged as:
Од 8 септември три и пол децении македонска независност
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
