Честит 8 Септември – Денот на независноста!
Денес одбележуваме 35 години од историската одлука на македонските граѓани за независна, суверена и демократска држава.
Нашата државност не започна во 1991 година, создавана е низ генерации, преку историски, политички и револуционерен континуитет. Од идеалите на Илинден, преку одлуките на АСНОМ со кои беше втемелена македонската државност, до референдумот на 8 Септември и одлуката да продолжиме по патот на независноста.
Секоја генерација имала своја историска улога.
Илинденската генерација ги постави темелите на борбата за слобода. АСНОМската генерација ја оствари таа цел и ја втемели македонска државност.
Генерацијата од 1991 година се избори за независна држава, избирајќи го мирот во време на војни, и ја започна тешката битка за меѓународно признавање.
Генерациите потоа решаваа тешки спорови и остварија една од клучните стратешки цели поставени уште од независноста – членството на Македонија во НАТО, го отворија патот кон Европската Унија и го обезбедија македонскиот јазик и идентитет.
СДСМ е дел од тој државотворен континуитет – активен учесник во создавањето и развојот на современата македонска држава, во борбата за независност по мирен пат, меѓународното признавање, членството во НАТО и европската интеграција.
Но денес, кога славиме 35 години независност, мора да гледаме пред сè напред – кон годините и децениите што доаѓаат.
Нашите предци се бореа да имаме своја држава. Оваа нашата генерација има обврска да се избори нашите деца да сакаат да живеат во неа, да се избори за Европска Македонија.
Затоа што државата е и секојдневниот живот на луѓето, на нашите деца и внуци. Државата е во создавањето можности родителите достоинствено да го издржуваат своето семејство, младите да создадат дом, а повозрасните да имаат мирна и достоинствена старост. Работниците да живеат од својот труд, достоинствено , без страв дали ќе им стигне платата до први.
Да изградиме економски силна, европска држава, со подобар животен стандард, во која училиштата ќе се полнат со деца, наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дома.
Да изградиме европска држава со систем што функционира и правда што важи еднакво за сите.
Да изградиме европска Македонија во која младите ќе можат да создадат дом и семејство, да имаат достоинствена работа, да успеваат со знаење и труд и да имаат европски можности дома.
Тоа е нашата генерациска задача. Да ја продолжиме македонската државотворна линија – со заедништво, со достоинство, и со јасна визија за иднината во Европа.
Затоа што Македонија е сè што имаме.
Нека ни е честит и вековит 8 Септември – Денот на независноста!
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
