Останува уште една недела до најавената реконструкција на владата, предводена од Христијан Мицкоски, а во политичката јавност сè повеќе се поставува едно исто прашање: зошто Министерството за правда, на чело со Игор Филков, досега не поднело ново барање за екстрадиција на Никола Груевски.
Според информациите кои циркулираат во последните недели, Основниот кривичен суд во Скопје веќе ги доставил сите потребни документи до Министерството за правда. Сепак, оттаму сè уште нема официјално барање упатено до унгарските власти. Токму тоа е причината поради која опозицијата отвора сериозни прашања, дали станува збор за обична административна пречка или за намерно одолговлекување на постапката.
Министерот Филков јавно изјави дека институциите чекаат целосно да се формира новата влада во Унгарија, со цел барањето да биде упатено до соодветните, веќе стабилизирани власти во Будимпешта. Оваа објаснителна линија, меѓутоа, не ги задоволува критичарите, кои потсетуваат дека политичката промена во Унгарија одамна се случила и дека новото раководство веќе јасно сигнализирало подготвеност за преиспитување на статусот на азил на Груевски.
Во овој контекст, поставено е и прашањето дали Филков, преку забавувањето на постапката, се обидува да си обезбеди подолг останок на министерската позиција, особено сега, во навечерието на најавената кадровска реконструкција на владата. Дел од јавноста смета дека токму неактивноста во овој чувствителен предмет може да биде начин да се одложи евентуална смена.
Треба да се потсети дека во минатото веќе еднаш било поднесено барање за екстрадиција на Груевски, кое подоцна било и дополнето, но Унгарија го одбила истото, со образложение дека на Груевски му е признаен статус на политички азил. Оттогаш, политичката клима во Унгарија значително се промени, а новото раководство во Будимпешта засега отворено зборува за преиспитување на заштитата што им била дадена на бегалците од Балканот, меѓу кои и на Груевски.
Во отсуство на конкретно ново барање, остануваат отворени неколку клучни прашања, кои граѓаните и опозицијата бараат да добијат одговор: зошто документите сè уште не се испратени, од што точно се плаши власта и дали постои реална политичка волја случајот конечно да биде затворен. До денес, ниту Министерството за правда, ниту владата на Мицкоски, немаат понудено целосно јасен и конкретен одговор на овие отворени прашања.
Со наближувањето на реконструкцијата на владата, темата за екстрадицијата на Груевски веројатно ќе остане во фокусот на јавноста, особено доколку Филков остане на својата позиција и по очекуваните кадровски промени.
Сашо Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
