Старото градско јадро на Охрид, кое со децении се смета за една од најголемите културни и историски вредности не само на Македонија, туку и на целиот регион, повторно е во центарот на вниманието поради нова градба која отскокнува од традиционалната архитектура на овој дел од градот.
Станува збор за повеќекатна бетонска конструкција која се издига во непосредна близина на Заводот и музеј Охрид, односно во самото срце на зоната која официјално се води како заштитено подрачје под покровителство на УНЕСКО. Наместо камена фасада, дрвени греди и архитектонски елементи карактеристични за стариот Охрид, на локацијата расте сосема современ објект, со голи бетонски столбови и плочи, кои визуелно остро контрастираат со околните куќи.
Овој случај повторно отвора едно старо, но сè уште нерешено прашање, до каде допираат границите на урбанистичкото планирање во заштитените историски зони и дали постоечките законски рамки воопшто се почитуваат во практика. Старото јадро на Охрид е под посебен правен режим, токму поради статусот на светско културно наследство, а тоа подразбира строги ограничувања во однос на висината, изгледот и материјалите на новите градби.
Сепак, реалноста на терен покажува поинаква слика. Во трката по забрзан профит и мегаломански инвестициски амбиции, во самиот центар на заштитената зона никнуваат објекти кои немаат никаква врска со автентичниот дух на градот. Прашањето кое природно се поставува е, кој точно издал дозвола за градба на овој начин, врз основа на кои услови и дали постапката била целосно во согласност со важечките законски прописи за заштита на културното наследство.
Министерството за транспорт и врски, на чие чело е министерот Александар Николовски, е надлежна институција за управување и контрола во стариот дел на Охрид. Токму поради тоа, јавноста очекува конкретно образложение од министерството, за тоа како е дозволено вакво урбанистичко дивеење во зона која по дефиниција треба да биде строго заштитена.
Доколку институциите продолжат да молчат на ова прашање, постои реален ризик старото јадро на Охрид постепено да го губи својот автентичен идентитет, заменет со случајни и нерегулирани градби кои директно го деградираат визуелниот и историскиот интегритет на еден од најпрепознатливите градови во Македонија.
С.Д.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
