Македонија ќе ја менува политиката за доделување „златни пасоши“ на странски инвеститори. Државата предлага да се смени регулативата со која досега беше утврдена конкретна сума за инвестиција со цел добивање пасош, пишува Дојче веле.
Се елиминира можноста за „трансакциона“ злоупотреба на македонскиот пасош
Според предлог-законот, кој е објавен на ЕНЕР, клучна причина за измените коишто ги изготви Министерството за внатрешни работи (МВР) е Извештајот на Европската комисија, во кој се наведува дека доделувањето економски државјанства претставува сериозен безбедносен и миграциски ризик.
Комисијата препорачува државите да се воздржат од доделување државјанства врз основа на минимален праг на инвестиција. Овие програми, познати како „златни пасоши“, се оценети како некомпатибилни со европските вредности, особено по пресудата против Малта од 29 април 2025 година.
Од МВР за Дојче веле велат дека примарната цел на предложените законски измени е допрецизирање на одредбите од Законот за државјанство, со што ќе се овозможи нивна поефикасна практична примена.
„Согласно извештајот и препораките на Европската комисија, доделувањето државјанство на странци од економски интерес може да претставува миграциски и безбедносен ризик, особено поради различните критериуми што се применуваат“, велат од МВР.
Оттука, целта е преку појасна нормативна рамка да се елиминираат потенцијални злоупотреби, да се воведе поголема контрола и да се обезбеди целосна усогласеност со правото на Европската Унија.
Усвојувањето на предложените законски измени, според МВР, во никој случај не значи дека се укинува критериумот поврзан со инвестирање, туку само се елиминира можноста за негова „трансакциона“ злоупотреба. Досега, странските инвеститори можеа да добијат македонски пасош ако инвестираат најмалку 400.000 евра во реален сектор или 200.000 евра во инвестициски фонд.
Што се менува?
Со законските измени се укинуваат фиксните парични износи за стекнување државјанство. Новиот модел предвидува мислење од надлежни институции: секој случај ќе се разгледува поединечно, со оценка дали постои особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување на државјанство и инвестицијата по автоматизам повеќе нема да го гарантира тоа право.
Паралелно, државата воведува олеснувања за своите иселеници. Министерството за внатрешни работи предлага рокот за повторно стекнување државјанство да се скрати од три години на три месеци. Мерката е дел од стратегијата за привлекување кадри и зајакнување на економијата.
Чести злоупотреби на „златните пасоши“
Праксата за издавање „златни пасоши“ во Северна Македонија не е новина и функционира со години наназад. Ваквата можност е уредена со член 11 од Законот за државјанството, кој предвидува дека странец кој наполнил 18 години живот може со природување да стекне државјанство ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или други национален интерес.
Официјалните податоци покажуваат дека над 370 странски државјани изминативе години се стекнале со ВИП пасош на заслужни граѓани по различни основи по член 11 од Законот за државјанство.
Политиката за „златни пасоши“ често беше критикувана поради потенцијални злоупотреби. Меѓу најпознатите случаи е индискиот бизнисмен Субрата Рој и неговите синови, кои добија македонско државјанство во 2013 година, но најавените инвестиции никогаш не се реализираа.
Случајот со украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко, кој подоцна остана без државјанство, отвори прашања за безбедносните проверки. Онишченко остана без македонскиот пасош откако во јавноста се појавија информации дека во Украина од 2016 година е баран со потерница поради оштетување на државниот буџет, но и дека се наоѓа на црна листа на САД.
Според член 14 од Законот за државјанство, државјанството може да се поништи, ако се утврди дека „странецот при поднесувањето на барањето дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
