САД ќе останат еден од најблиските и незаменливи сојузници на Германија, без разлика кој е актуелен претседател, истакна германскиот канцелар Олаф Шолц во денешниот говор на Светскиот економски форум во Давос, јави ДПА.
Континуираната блиска соработка и партнерство е во интерес и на САД и на Германија, рече Шолц.
Но, исто така, тој додаде дека не треба да има лажни обиди за „задоволување“ или за „слатко зборување“ на новиот американски претседател Доналд Трамп.
– Не секоја прес-конференција во Вашингтон, не секој твит треба веднаш да нè втурне во жестоки, егзистенцијални дебати. Ова важи и по промената на власта што се случи вчера во Вашингтон – рече Шолц, осврнувајќи се на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Според неговото мислење, Трамп и неговата влада ќе го држат светот на работ во годините што следат, пренесе ДПА.
– Ние можеме и ќе се справиме со сето ова – рече тој.
Германскиот лидер рече дека соработката меѓу европските сојузници и САД е суштинска за мирот и безбедноста во светот и двигател за успешен економски развој.