Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го поддржува зголемувањето на трошоците за одбраната, но никогаш не споменала кратење на парите за другите сфери, рече денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.
– Претседателката во неколку наврати јавно кажа дека се залага за зголемување на трошоците за одбраната, со цел навистина да бидеме сигурни дека можеме да покажеме поголема издржливост во однос на сопствената одбрана. Но, таа не се изјасни дали тоа би значело, доколку би значело, кратења во некои сфери – рече Пињо.
Таа одговараше на прашањето за ставот на Фон дер Лајен за идејата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте дел од парите што се предвидени за пензии, здравство и за социјална заштита, да се пренаменат за потребите на одбраната.
Пињо нагласи дека повеќе детали околу одбранбените трошоци ќе има во „белата книга за одбраната“, чие објавување е најавено во текот на првите 100 дена од мандатот на сегашната Европска комисија, односно до почетокот на март.
– Таму ќе имаме повеќе сознанија. Нејзината подготовка е во тек и веројатно ќе даде одговори на овие прашања – додаде Пињо.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте неодамна ги повика европратениците да ги поддржат напорите за зголемување на трошоците за одбрана. Руте потенцираше дека безбедноста на Европа ќе биде многу поголема ако само мал дел од парите што сега се трошат за пензии и за здравствена и социјална заштита се пренаменат за обезбедување на многу посилна одбрана.
– Инвестициите во нашата обрана се инвестиции во нашата безбедност и во безбедноста на нашите деца и внуци – нагласи неодамна Руте.