За прв пат Македонија надмина над 1 милијарда евра директни странски инвестиции и очекувам овој тренд на зголемување да продолжи и оваа година, изјави вицепремиерот Александар Николоски денеска од Охрид.
– Она што ги имаме како бројки од Заводот за статистика, минатата година ќе биде рекордна година по привлекување на странски инвестиции во смисла на вредност на истите. Ќе надминеме за прв пат во историјата на Македонија преку 1 милијарда евра, а оваа година очекувам истиот тренд да продолжи. Тоа не значи само нови инвеститори, тоа значи и зголемување на капацитетите на постојните инвеститори како на пример зголемувањето на капацитетот на компанијата „Костал“ и тоа е нешто што ќе продолжиме да го стимулираме како Влада – рече Николоски.
Во рамките на глобалниот настан за добавувачи што се организира во Охрид во рамки на Групацијата „Костал“ Николоски истакна дека многу домашни мали и средни компании можат да се вклучат во синџирот на добавувачи што ќе значи проширување на нивниот капацитет, отворање на нови работни места и раст на севкупната економија.