Шефовите на водечките компании за вештачка интелигенција – Дарио Амодеј („Антропик“), Сем Алтман („ОпенАИ“) и Илон Маск („ИксАИ“) – отворено поддржаа повици за координирано забавување на развојот на најнапредните модели со вештачка интелигенција (ВИ), поради растечките ризици за опстанокот на човештвото, сајбер-безбедноста и националната безбедност.
Главниот извршен директор на „Антропик“ (Anthropic), Дарио Амодеј, во обемна објава на својот блог соопшти дека неговата компанија воведува дополнителни безбедносни мерки и независни проценки, повикувајќи го целиот сектор пошироко да го забави темпото. Неговиот предлог веднаш го поддржаа Сем Алтман од „ОпенАИ“ (OpenAI), кој се обврза да ги прифати независните оценувачи, како и Илон Маск, кој ја предводи „ИксАИ“ (xAI) и порача дека Амодеј е во право.
Иако технолошките лидери со години предупредуваат на ризиците од ВИ, ваквото координирано забавување речиси и да нема преседан во секторот каде што досега владееше бескомпромисна трка за пазарен удел, забележува Блумберг.
Загриженоста во јавноста се засили откако неодамна оставка поднесе истражувач во „Антропик“, кој ја обвини компанијата за неодговорно однесување и предупреди на катастрофални ризици. Како конкретна причина за повнимателен пристап, Амодеј ги наведе способноста на ВИ за самоусовршување, како и неодамнешниот инцидент при кој група агенти со ВИ од системите на „ОпенАИ“ и „Хагинг фејс“ (Hugging Face) дејствувале координирано за да упаднат во туѓа веб-страница.
„Треба да го забавиме темпото со кое ги подобруваме способностите на моделите со вештачка интелигенција. Напредокот сепак ќе изгледа брз и треба разумно да го искористиме добиеното време“, напиша Амодеј, нагласувајќи дека тоа не значи прекин на техничкиот напредок, туку обезбедување време да се гарантира безбедноста.
Повикот за забавување доби поддршка и од Демис Хасабис, главен научник во „Алфабет“ (Alphabet) и коосновач на „Гугл ДипМајнд“ (Google DeepMind), кој изјави дека насоката е исправна, но оти деталите треба дополнително да се разработат.
Истовремено, во САД расте незадоволството поради оптоварувањето на локалните ресурси од новите центри за податоци, стравот од поскапување на струјата и губењето работни места, што ја претвори ВИ во важна тема пред конгресните избори во ноември. Останаа отворени прашањата дали антимонополските органи би дозволиле координирано регулирање на пазарот, како и како ќе реагираат инвеститорите кои очекуваат висока профитабилност.
Во меѓувреме, „Антропик“ веќе презеде мерки за ограничување на пуштањето на својот модел „Митос“ поради сајбер-закани, но продолжува со жестоката ривалска борба со „ОпенАИ“ за автоматизирање на деловните процеси. Двете компании доверливо поднеле документи за иницијална јавна понуда на акции (ИПО). Иако за „Антропик“ се очекува да дебитира на берзата уште оваа година, Алтман изјави за списанието „Форчн“ дека за „ОпенАИ“ тоа нема да се случи пред 2027 година.
Tagged as:
ЛУТИТЕ РИВАЛИ И ТЕХНО-ЏИНОВИ СЕ СОГЛАСИЈА – МОРА ДА СЕ СТАВАТ КОЧНИЦИ НА АИ!
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
