На 30 јули, кога светот го одбележува Светскиот ден против трговија со луѓе, вниманието повторно е насочено кон еден од најтешките облици на организиран криминал. Годинашната порака на Обединетите нации „Заробени зад измамата“ предупредува дека криминалните мрежи сè почесто ги намамуваат луѓето со лажни ветувања за добро платена работа во странство, по што тие завршуваат во современо ропство, принудени да работат, да учествуваат во интернет-измами или да бидат сексуално експлоатирани.
Иако проблемот најчесто се поврзува со сиромашни земји, официјалните податоци покажуваат дека не ја одминува ниту Македонија. Според Советот на Европа, во периодот од 2019 до 2024 година во земјава биле идентификувани 46 жртви на трговија со луѓе.
Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент за 2025 година се наведува дека Македонија бележи одреден напредок во борбата против трговијата со луѓе, преку зголемени истраги, подобра идентификација на жртвите и нови оперативни процедури. Сепак, земјата сè уште не ги исполнува целосно минималните стандарди за елиминирање на овој криминал.
Во извештајот се посочува дека биле осудени помалку трговци со луѓе отколку претходно, а Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција немало доволно ресурси за да ги процесуира сите предмети. Дополнително, дел од локалните полициски служби и обвинителства не ги упатувале навремено сомнителните случаи до надлежните институции, а во одредени случаи користеле поблаги прекршочни наместо кривични постапки.
Стејт департментот забележува и дека Владата не обезбедила средства за мобилните тимови кои секоја година идентификуваат најголем број потенцијални жртви, иако претходно презела таква обврска. Исто така, не постои специјализирана поддршка за машките жртви, ниту долгорочни програми за рехабилитација и ресоцијализација за сите лица погодени од трговијата со луѓе.
Годинава Обединетите нации предупредуваат на нов тренд – жртвите најчесто се регрутираат преку интернет и лажни огласи за работа. Луѓето добиваат ветувања за високи примања во странство, а по пристигнувањето им се одземаат документите и се принудуваат да учествуваат во интернет-измами, финансиски измами или други облици на сајбер-криминал.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, оцени дека ова е една од најбрзо растечките форми на трговија со луѓе, која дополнително се поттикнува со развојот на современите технологии и вештачката интелигенција.
Глобалните размери на проблемот се загрижувачки. Според Меѓународната организација на трудот, во 2021 година околу 27,6 милиони луѓе живееле во услови на современо ропство. Освен присилен труд и сексуална експлоатација, трговијата со луѓе опфаќа и присилни бракови, домашно ропство, регрутирање деца во вооружени конфликти и нелегална трговија со органи.
Советот на Европа предупредува дека жртвите во Македонија често поминуваат низ долги судски и административни постапки, што дополнително ја отежнува нивната ресоцијализација. Особено загрижувачки се случаите на присилен брак на малолетни девојчиња, кои во одредени случаи претставуваат форма на трговија со луѓе.
Колку е сериозен проблемот покажува и меѓународната операција „Global Chain“, спроведена во јуни годинава во рамките на Европската мултидисциплинарна платформа против криминални закани (EMPACT), во која учествуваа 59 држави.
Во Македонија, за време на акцијата биле откриени три кривични дела за фалсификување исправи и 49 прекршоци, најголем дел сторени од странски државјани. Истражните органи отвориле и случај за нелегално посвојување поради сомневање за трговија со луѓе со цел присилно питачење.
На меѓународно ниво резултатите биле уште поалармантни – уапсени биле 1.024 лица, а идентификувани 2.070 жртви и потенцијални жртви, меѓу кои 162 малолетници.
Во Македонија, борбата против трговијата со луѓе ја спроведуваат Министерството за внатрешни работи, Националниот механизам за упатување, центрите за социјална работа, трудовите инспектори и невладините организации. Сепак, експертите предупредуваат дека се неопходни дополнителни мерки, меѓу кои создавање фонд за обесштетување на жртвите, поголема психосоцијална поддршка и поефикасно гонење на сторителите.
Современата трговија со луѓе одамна не се сведува само на присилен труд или сексуална експлоатација. Социјалните мрежи, интернетот и лажните понуди за работа стануваат главна алатка на криминалните мрежи за регрутирање нови жртви. Затоа институциите предупредуваат дека информираноста и навременото препознавање на ризиците остануваат една од најсилните алатки за спречување на овој тежок криминал.
Tagged as:
Во Македонија откриени 46 жртви на трговија со луѓе опасноста демне и на интернет
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
