По сè почестите случаи на небезбедно користење на електричните тротинети, Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за нивното учество во сообраќајот.
Во изминатиот период граѓаните сè почесто укажуваа на несовесно управување со електрични тротинети, особено од страна на малолетници кои неретко се движат со брзина поголема од дозволената, превезуваат по две или три лица на едно возило и учествуваат во сообраќајот без заштитна опрема, создавајќи опасност и за себе и за останатите учесници во сообраќајот.
Со измените, кои беа донесени по скратена постапка, се регулира користењето на лесните електрични возила, категорија во која спаѓаат и електричните тротинети.
Една од најважните новини е ограничувањето на максималната дозволена брзина на 20 километри на час, во согласност со препораките на Европската Унија за регулирање на овој вид превозни средства.
Истовремено, се зголемува и минималната возраст за управување со електричен тротинет. Наместо досегашните правила, отсега овие возила ќе смеат да ги управуваат само лица кои имаат наполнето најмалку 18 години.
Измените предвидуваат и значително заострување на казнената политика. Освен парични казни, во одредени случаи ќе биде можно и одземање на електричниот тротинет.
Таквата мерка ќе се применува доколку со тротинет управува малолетно лице, ако се надмине дозволената брзина, ако се превезува друго лице на возилото или ако возачот управува под дејство на алкохол.
Со законот се усогласени и прекршочните одредби со новите правила, а целта на измените е да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на прекршоци и несреќи во кои учествуваат електричните тротинети.
Во рамки на 109 седница Собранието попладнево донесе закон за изменување и дополнување на Законот за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муницијата, по скратена постапка и со европско знаменце.
На истата седница беше донесен и Законот за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственост или со учество на Македонија, по скратена постапка.
Во Собранието денеска седници ќе одржат собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата и Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, претходно на матичната собраниска комисија појасни дека управувањето со јавните претпријатија, трговските друштва во државна сопственост се одвива во рамки на поставената правна и институционална структура, која се карактеризира со повеќе надлежни институции и различни законски решенија. Притоа, додаде, не е воспоставен целосен интегриран пристап во вршењето на сопственичките функции на државата, ниту пак постои јасно разграничување на улогата во управувањето што влијае врз координацијата, транспарентноста и ефикасноста во работењето на овие субјекти.
– Дополнително, управувањето и следењето на работата на претпријатијата не се во целост унифицирани, а достапноста на податоци и информации за нивното работење е ограничена. Од овие причини се укажува потреба од понатамошно уредување на правната рамка со цел да се обезбеди поефикасно, транспарентно, отчетно управување со претпријатијата во државна сопственост и што ќе биде содржина на овој закон – додаде Ристески.
Според пратеничката од опозициската СДСМ Сања Лукаревска, со овој закон се концентрира конролата кај извршна власт, особено кај Министертсвото за економија и труд, кое, рече таа, станува центар на моќ и централна кадровска и управувачка инстиутуција за државните претпријатија, кои досега беа распределени во повеќе ресори.
Пратениците денеска работеа и по дневниот ред од 105. седница, на која го донесоа Законот за ратификација на изменувањето и дополнувањето на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија, во согласност со Одлуката на Мешовитиот комитет на Централноевропскиот договор за слободна трговија за олеснување на електронската трговија, донесена на 9 октомври 2024 година.
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, ја прекина седницата, за продолжението ќе биде дополнително соопштено.
Tagged as:
ВЕЌЕ НЕМА ВОЗЕЊЕ ПО 2-3 ЛИЦА НА ТРОТИНЕТ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
