Националниот директор за сајбер-безбедност во Белата куќа, Шон Кернкрос, доби отказ по серијата технолошки прекини во САД. Разрешувањето доаѓа по 5 големи нарушувања за 6 дена, кои ги погодија комуникациите, воздушниот сообраќај и банкарските услуги.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја поддржал одлуката, јави Ројтерс, повикувајќи се на извор близок до Белата куќа.
Прекинот во американската Федерална управа за авијација го запрел полетувањето авиони низ САД. Нарушувањето зафатило повеќе од 18.000 летови.
Клиентите на банката „Џеј Пи Морган Чејс“ на 16 ноември имале проблеми со пристапот до сметките, плаќањата и трансферите. Истиот ден, „Јунајтед ерлајнс“ привремено запрела дел од полетувањата. Откажал системот за пресметување на тежината и распоредот на товарот. Авионите што веќе летале продолжиле според распоредот.
Следниот ден проблеми имале и корисниците на „Епл“. Не можеле да се најават на „Ајклауд“, да преземаат апликации или да слушаат музика. Дел пријавиле тешкотии и со плаќањата преку „Епл пеј“.
Серијата почнала на 12 ноември со глобалниот прекин кај „Мајкрософт“, кој ги остави компаниите и институциите без електронска пошта и деловни апликации.
Кернкрос ја координираше политиката за сајбер-безбедност на федералната влада. Функцијата привремено ќе ја преземе главната службеничка за информатички технологии во Министерството за одбрана, Кирстен Дејвис.
Разрешениот функционер во писмена изјава порача дека службата во администрацијата била „чест на животот“.
Американските разузнавачки власти ги опишаа нарушувањата како одделни технички прекини поврзани со одржување и со промени во системите. Според нивната проценка, не станувало збор за координиран или за државно спонзориран напад.
Експерти за Ројтерс посочија и можен парадокс: обидите на компаниите брзо да ги поправат новооткриените софтверски слабости можеби придонеле за прекините. Алатките со вештачка интелигенција го забрзуваат откривањето на таквите пропусти.
Проблемите со услугите на „Мајкрософт“ беа пријавени од 74 земји. Некои болници преминале на хартиена документација, додека училиштата имале проблеми со комуникацијата со родителите.
Компанијата потоа откри комбинација од 3 технички недостатоци. Софтверска грешка постоела уште од јули, но се активирала при зголемено оптоварување и намален серверски капацитет.
Јужна Кореја, пак, свика кризен состанок поради критичен пропуст во „Јава“. Според објавата на Плусинфо од 18 ноември, над 71% од државните информациски системи ја користат оваа технологија. Властите наредиле итни проверки по предупредувањето дека ранливоста, во одредени услови, овозможува напад без лозинка.
Европската комисија се соочи со хакерски напад по кој неколку внатрешни системи имаа нарушувања повеќе од 10 дена.
Според „Политико“, напаѓачите ја злоупотребиле алатката со вештачка интелигенција „Артекс“. Проблемите ги зафатиле системите за административни и финансиски потреби на вработените, вклучително и евиденцијата на работното време и надоместот на медицинските трошоци. Истражителите проверувале и можен пристап до лични податоци.
Велика Британија денеска јавно потврди и офанзивни сајбер-операции против Русија, Кина, Иран и Северна Кореја. Информацијата ја соопшти командантот на британската Команда за сајбер и специјализирани операции, генерал сер Роб Мегован, во интервју за „Скај њуз“.
Телевизијата го опиша настапот како прво вакво јавно откривање од висок воен командант. Британските функционери ретко зборуваат за тајните офанзивни мисии.
Генералот објасни дека Националните сајбер-сили дејствуваат и против организираниот криминал и против лица што им нанесуваат штета на децата преку интернет.
Tagged as:
Трамп ќе го разреши нациоалниот директор за сајбер-безбедност
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
