Украинскиот претседател Володимир Зеленски знаел да биде тврдоглав и недоволно благодарен, додека Доналд Трамп водел бунт наместо да ја води Америка. Ова се дел од оценките на поранешниот американски претседател Џо Бајден, објавени во неговите нови мемоари „Вети ми, Америка“, кои излегоа на 17 ноември.
Во книгата Бајден открива детали од односите со светските лидери, вклучително и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со рускиот претседател Владимир Путин. Извадоци од мемоарите објави американскиот Еј-Би-Си њуз.
За Зеленски, кому САД му обезбедија огромна воена и финансиска поддршка по руската инвазија, Бајден има сложена оценка.
„Во приватните разговори, Володимир Зеленски знаеше да биде нерасположен и тврдоглав, а не беше ни толку благодарен колку што очекував“, пишува поранешниот претседател.
Сепак, Бајден смета дека актерската кариера на Зеленски се покажала како многу добра подготовка за водење држава во војна.
Неговиот опис на Владимир Путин е уште понеобичен. Рускиот претседател, според Бајден, имал раздразлив тон и се однесувал како тинејџер.
„Сакаше да седи згрбавен на состаноците, преправајќи се дека е рамнодушен, како тинејџер“, наведува Бајден.
Поранешниот претседател открива и дека одбил да му дозволи на тимот на Трамп директно да преговара со Путин пред преземањето на власта во јануари 2025 година. Се плашел дека таквите разговори би довеле до капитулација на штета на Украина.
Особено остри се оценките за Доналд Трамп и неговата улога во нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година.
„Американскиот претседател не ја водеше Америка, туку бунт. Тоа беше еден од најтешките примери на занемарување на претседателската должност во нашата историја“, пишува Бајден.
Тој смета дека одговорноста за нападот врз Капитол треба да го следи Трамп до крајот на животот.
Сепак, мемоарите откриваат и сосема поинаква страна од нивниот однос.
Кога Трамп ја напуштил Белата куќа во јануари 2021 година, на Бајден му оставил неочекувано срдечно писмо. Поранешниот претседател признава дека бил изненаден од неговиот тон.
„Речиси како да постоеја двајца Доналд Трамповци“, пишува Бајден.
Уште понеобичен бил нивниот разговор по претседателските избори во 2024 година, кога Трамп се вратил во Белата куќа како новоизбран претседател.
„Знаеш, Џо, да не беше политиката, мислам дека ќе бевме добри пријатели. Да не беше политиката, постојано ќе игравме голф заедно“, му рекол Трамп, според мемоарите.
Бајден не го поштедил ниту израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кого имал сериозни несогласувања околу војната во Газа.
Поранешниот претседател пишува дека Нетанјаху бил свесен за последиците од големиот број цивилни жртви, но продолжувал со воените операции и покрај американските предупредувања.
„Биби немаше проблем да дава ветувања што не можеше, ниту имаше намера да ги исполни“, наведува Бајден.
Тој признава дека меѓу нив немало голема доверба и дека го загрижувала склоноста на Нетанјаху да ги приспособува фактите на сопствените политички потреби.
„Бев загрижен и поради склоностите на Биби слични на оние на Трамп. Тој слободно постапуваше со вистината и не се двоумеше да ги приспособува демократските институции на сопствените интереси“, пишува Бајден.
Во мемоарите поранешниот претседател ја брани и одлуката за повлекување на американските сили од Авганистан, и покрај хаотичниот пад на Кабул во 2021 година.
„Повторно би ја донел истата одлука. Завршувањето на војната во Авганистан беше правилната работа“, наведува Бајден.
Тој открива дека неговите советници очекувале авганистанската влада да опстане најмалку шест месеци по повлекувањето на американските сили. Наместо тоа, владата се распаднала за неколку дена.
Бајден останува и на ставот дека неговата одлука повторно да се кандидира за претседател во 2024 година била оправдана. Според него, кога во 2023 година ги прашал најблиските советници дали треба да се кандидира, никој не се спротивставил.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
