Пакистанскиот државјанин Асиф Мерчант (48) е осуден на 27 години и шест месеци затвор во САД поради заговор за атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп. Тој се обидел да ангажира платени убијци, не знаејќи дека преговара со тајни агенти на Федералното истражно биро (ФБИ).
Пресудата вчера ја изрече федералниот судија Ерик Комите во Бруклин, Њујорк. Мерчант беше прогласен за виновен во март годинава за планирање нарачано убиство и обид за меѓународен тероризам.
Според американското Министерство за правда, заговорот бил организиран по инструкции на иранската Исламска револуционерна гарда.
Главниот мотив била одмазда за убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, кој загина во американски напад со дрон во Багдад во јануари 2020 година. Нападот беше нареден за време на првиот претседателски мандат на Трамп.
Истрагата утврдила дека Мерчант бил регрутиран од иранската Револуционерна гарда во 2022 година. Во следните 18 месеци имал околу 15 средби со својот ирански разузнавачки контакт во Техеран.
Тој добивал инструкции како да организира атентат врз американски политичар за време на предизборен митинг.
Покрај Трамп, меѓу можните цели биле и тогашниот претседател Џо Бајден и поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли.
Мерчант пристигнал во САД во април 2024 година, по еднонеделен престој во Иран. Веднаш контактирал со познаник од пакистанско потекло, барајќи помош за организирање на операцијата.
Но, познаникот го пријавил во ФБИ и станал доверлив информатор на американските власти.
На состанок во хотел во њујоршкиот кварт Квинс, Мерчант детално го објаснил планот за убиство на политички митинг. Пред информаторот распослал салфетка, а со предмети на масата ја прикажувал замислената сцена на атентатот.
Користел и портокалова електронска цигара за да ја означи потенцијалната жртва. Целиот разговор бил тајно снимен.
Потоа побарал да му бидат пронајдени професионални убијци, по можност луѓе поврзани со криминални организации.
Во јуни 2024 година се сретнал со двајца мажи за кои верувал дека се платени убијци. Всушност, станувало збор за прикриени агенти на ФБИ. На агентите им објаснил дека работи со луѓе од странство и дека сака да организира убиство на американски политичар.
За извршување на задачата им исплатил аванс од 5.000 долари, обезбедени со помош на роднини од странство.
Мерчант планирал да ја напушти Америка пред атентатот и да комуницира со извршителите преку шифрирани пораки. На 12 јули 2024 година бил уапсен во Тексас, непосредно пред планираното заминување од земјата.
Апсењето се случило само еден ден пред обидот за атентат врз Трамп на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија. Двата случаја не биле поврзани.
За време на судењето Мерчант признал дека соработувал со иранската Револуционерна гарда, но тврдел дека бил принуден да го прави тоа.
Според неговото сведочење, иранските оперативци му се заканувале дека ќе му наштетат на семејството во Техеран доколку одбие да соработува.
Изнел и необично објаснување за своето однесување. Тврдел дека очекувал американските власти да го откријат заговорот пред некој да биде убиен.
Неговата намера, според одбраната, била потоа да соработува со ФБИ и евентуално да добие зелена карта за постојан престој во САД.
Обвинителството ги отфрлило овие тврдења, посочувајќи ги неговите активности и објавите на социјалните мрежи.
На неговите електронски уреди биле пронајдени пребарувања за предизборните митинзи на Трамп, вклучително и локација во Њу Џерси.
Мерчант објавувал и содржини во кои го величел Сулејмани и упатувал закани кон американските власти.
При изрекувањето на пресудата, судијата Комите оценил дека планирањето убиство на американски претседател или висок функционер претставува исклучително тешко кривично дело.
Тој не ја прифатил целосно одбраната дека Мерчант дејствувал исклучиво поради страв за семејството.
Обвинителството барало доживотен затвор, но судот изрекол казна од 330 месеци. Одбраната најавила жалба.
Иранските власти ги отфрлија американските обвинувања дека Техеран стоел зад планови за атентати врз Трамп и други американски функционери.
Tagged as:
ГО НАЦРТАЛ АТЕНТАТОТ ВРЗ ТРАМП НА САЛФЕТКА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
