Јавното обвинителство за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција поднесе обвинение против 16 лица, кои се осомничени дека организирано примале поткуп и злоупотребувале службени овластувања. Меѓу обвинетите се наоѓаат 13 царински службеници, еден полициски службеник и двајца царински инспектори.
Според обвинението, во периодот од март 2023 до октомври 2024 година, обвинетите, распоредени на царинските испостави Ново Село и Дојран, барале и примале парични средства од превозници на стока. Наместо да ги наплатат законските царински давачки, тие дозволувале увезената стока слободно да влезе во земјата.
Обвинителството утврди дека обвинетите земале поткуп во износи од 20 до 150 евра за секој поединечен случај
„Обвинетите свесно ги кршеле законите за да прибават лична корист, на штета на државниот буџет“, наведуваат од Јавното обвинителство.
Дополнително, едно лице се терети за нелегално поседување и трговија со оружје и експлозивни материјали, што било откриено при извршените претреси.
„При претресите, пронајдени се и одземени средства што обвинетите ги стекнале преку криминалните активности. Меѓу нив се: 51.885 евра, 663.210 денари, 4.860 швајцарски франци, 530 американски долари. Повеќе валути, меѓу кои британски фунти, украински гривни, бугарски лева и турски лири и 36 штеки цигари. Со овие активности е нанесена сериозна штета на државниот буџет преку ненаплата на царинските давачки“, истакнаа од обвинителството.
Обвинителството предложи на обвинетите да им се изрече казна со која ќе им биде забрането да вршат службени функции во државните органи. Воедно, предложено е продолжување на притворот за шест лица, со цел да се обезбеди непречено водење на судската постапка.
„Случајот ’Премин‘ е уште еден доказ дека институциите мора активно да се борат против корупцијата во своите редови“, соопштија од обвинителството.
Истражната постапка започна во октомври минатата година со полициска акција под истото кодно име, а целиот процес е насочен кон откривање и санкционирање на организираните криминални активности на царинските и полициските службеници.