Охридски суд ѝ досуди на тужителка половина од зграда и подвижности, иако самата пресуда утврдува дека имотот е подарок од мајка на син. Претходните две одлуки заклучија спротивно, а жалбата чека повеќе од една година.
Во Охрид веќе осум години тече спор за делови од една станбена зграда на Бул. Туристичка. Доказите се исти, сведоците се исти, страните се исти. Се менува само судијата, а со него и приказната што судот ја прогласува за вистина.
Првата приказна (2017). Судијата Ефтим Попески утврдил дека куќата на КП 16857 му е подарена на Р.В. од мајка му во 2004 година, дека е негов посебен имот и дека новите станови се компензација за тој имот. Апелациониот суд во Битола (ГЖ-2432/17) го потврдил тоа. Земјиштето докупено во 2011 било платено со пари на инвеститорот и не го зголемило имотот.
Втората приказна (2023). Судијата Владо Дејаноски го одбил тужбеното барање на М.В. во целост (П1-123/18) и ѝ ги ставил на товар трошоците од 607.464 денари. Таа пресуда подоцна била поништена по жалба.
Третата приказна (2024). Судијката Ирена Трајаноска, по истите докази, го усвоила барањето во целост (П1-51/24). М.В. добила ½ од недвижниот имот, ½ од подвижните предмети (914.512,50 ден.) и 503.709 денари трошоци.
Нормално е различни судови да ги оцениваат доказите поинаку. Но кога одлуките се спротивни во суштината, граѓанинот има право да бара од последната барем едно: да објасни зошто претходните две не се во право. Пресудата П1-51/24 тоа не го прави.
Самата пресуда утврдува дека куќата е подарок од мајка на син. Согласно Законот за сопственост и други стварни права, подарокот е посебен имот. Одредбата за посебен имот (чл. 68) во образложението воопшто не се спомнува. Се цитираат само одредбите за заеднички имот.
Тезата на пресудата е дека имотот «се зголемил» за време на бракот. Но според бројките во истата пресуда, земјиштето било 651 м², а по 2011 е запишано 321 м² под објект и двор од 305 м², вкупно 626 м². Судот го споредува само земјиштето под објектот и го игнорира дворот. На едно место дворот е 305 м², на друго 300 м². Како зголемување се претвора во сопственост на половина од сите делови на новата зграда не е објаснето.
Судот не одлучува ни за навод што е клучен за целиот спор: дали договорот за дар бил прикриена купопродажба. Не се образложува ни зошто исказите на сведоците на тужениот, меѓу нив адвокатот што го изработил договорот за дар, не се прифатени. Пресудата само вели дека на тужителката и на двајца нејзини сведоци им „подарила верба“, иако сведоците не ги слушнала непосредно,туку од судските ходници рекла казала!.
Диспозитивот за подвижните предмети истовремено утврдува право на сопственост на ½ и наложува исплата на ½ од вредноста. Вредност се досудува и за предмети што при увид воопшто не биле затекнати, затоа што тужениот не оспорил дека постоеле.
Потоа доаѓаат грешките што изгледаат ситни, но не се ситни кога се работи за правниот режим на имот. Договорот за дар е солемнизиран кај нотар Дескоска на 26.09.2005, а на други страници кај нотар Кузманоски на 19.02.2004. Хипотекарниот акт е ОДУ 1134/04 од 2014 наместо 113/04 од 2004. Разводот е 22.05.2017 на едно место и 22.06.2017 на друго. Имотниот лист е 101524 наместо 101624.
И една ситница што нешто кажува: на тужителката ѝ се досудени награда и такса за предлог за привремена мерка што самата била одбиена. Но не и за жалбата од 2018, бидејќи не успеала.
Жалбата е поднесена на 15.09.2025, а до денес, повеќе од една година подоцна, нема одлука. Во тие години странките не знаат дали имаат имот, дали можат да го продадат, дали им прети извршување. Тоа е ризик по правната сигурност, и без разлика кој на крајот ќе биде во право.
Не тврдиме дека судијката постапила со лоша намера,се сомневаме. Од документите тоа не може да се заклучи. Тврдиме нешто полошо од тоа за системот: дека е можно образложение со внатрешни противречности, со непримена на клучна одредба и со неусогласени бројки да го реши имотот на едно семејство, а никој да не мора да одговара за тоа додека не помине година или две на жалбена постапка.
Во извештаите за напредокот на земјата кон ЕУ повторно се наведуваат квалитетот на судските одлуки и ефикасноста на судовите, а граѓаните ги знаат овие проблеми од сопствено искуство. Кога три судии од исто одделение ,од исти Суд ,даваат три спротивни одлуки за истите докази, граѓанинот со право се прашува дали правото е предвидливо. Судството ја троши својата најголема вредност, довербата, токму во вакви случаи, и тоа не со еден скандал, туку со серија грешки што секоја за себе изгледа технички,а всушност не е.
Судиите имаат право да грешат. Граѓаните имаат право да очекуваат грешките да се исправат брзо, а одлуките да бидат образложени така што и губитникот ќе разбере зошто изгубил.
Овој охридски случај е само еден сегмент од мозаикот на корумпираното судство во Северна Македонија.Нејасно е што чека Судскиот совет на РСМ и претседателот на Апелациониот суд во Битола,ако се знае дека судијата Ирена Трајаноска ова не и е прв случај на нестручност и намера.
С.Д.
Tagged as:
Апелационен суд Битола брачна тековина имотни спорови квалитет на судските одлуки коментар Основен Суд Охрид охрид правна сигурност противречности и година без одговор по жалба реформи во правосудството судење во разумен рок судски пресуди судство три различни пресуди за ист имот во Охрид. Анализа на грешки Три судии
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
