Голем пожар зафати шест хотели, четири ресторани и околу 40 продавници во популарното туристичко место Нунгви на островот Занзибар во Танзанија. Во драматичната евакуација биле спасени 183 туристи, а дел од нив останале без личните работи и пасошите.
Пожарот избувнал во саботата попладне, на 21 ноември, во хотелот „Makofi“, а потоа брзо се проширил на околните објекти. На пожарникарите и екипите за итни интервенции им биле потребни околу три часа за да го стават огнот под контрола.
Според првичните наоди, пожарот најверојатно започнал во печка за печење леб во хотелската кујна. Ова го соопштила министерката за туризам на Занзибар, Насра Насор Омар, нагласувајќи дека станува збор за прелиминарни сознанија.
Ширењето на огнот го забрзале покривите направени од суви палмини лисја, познати како макути, како и малото растојание меѓу објектите. Пламените јазици брзо ги зафатиле соседните згради, а снимките од местото покажуваат густи облаци чад и туристи кои во паника ги напуштаат хотелите.
Од загрозеното подрачје биле евакуирани сите 183 туристи. Тие биле префрлени во хотели во местата Мчангни и Матеме, а повеќе од 20 хотели понудиле бесплатен привремен сместувачки капацитет за гостите кои останале без своите соби.
Според досегашните информации, меѓу туристите нема повредени. Неколку хотелски работници, сепак, се здобиле со полесни повреди поврзани со стресот и паниката за време на евакуацијата.
Дел од гостите во пожарот ги загубиле личните предмети, а некои останале и без пасошите. Министерството за туризам соработува со нивните амбасади за да им помогне да добијат заменски патни документи.
Во гаснењето помагале и локални жители. Еден од нив користел противпожарни хидранти за да се обиде да го запре ширењето на огнот пред пристигнувањето на пожарникарите, додека припадници на младинска група помагале во заштитата на објектите од кражби.
Пожарот повторно го отвори прашањето за противпожарната заштита во туристичките делови на Занзибар. По несреќата, до сопствениците на хотелите бил упатен апел да ги подобрат безбедносните системи, особено во објектите со покриви од суви палмини лисја, и да постават системи за автоматско прскање вода.
Арив Абас Мањи, извршен секретар на Туристичката комисија на Занзибар, предупредил дека штетата можела да биде значително помала доколку хотелите имале инсталирани прскалки.
Владата разгледува можност да им помогне на сопствениците на оштетените објекти во обновувањето на нивните бизниси, откако ќе завршат процената на штетата и проверките на погоденото подрачје.
Информациите ги објави српски „Kurir“, повикувајќи се и на други медиумски извештаи.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
