Македонскиот музичар Никола Перевски Пере од „Нокаут“ денеска полни 47 години.
По повод својот роденден, Пере на еден емотивен и трогателен начин, ја сподели својата тага преку стихови што ги објави на својот инстаграм-профил, преку кои ја искажува болката поради трагедијата што се случи во Кочани.
Пере во емотивната песна на Инстаграм вели дека не му е до славење, уште помалку до пеење и пиење…
„РОДЕНДЕН
Денес ми е роденден.
Се сеќавам.
Не те славам.
Ова не е објава,
туку белег со неколку реда
што ме болат.
Не ми се пие и пее,
не ми се брои
години.
Децата изгореа во песната,
музичарите паднаа на бината.
Како ноти што никогаш
не добиваат рефрен.
Некои си отидоа
пеејки.
Други со рацете на жиците.
Сцената ги прегрна
мајка како што не пушта и
кога знае дека губи.
Денес ми е роденден.
но нема што да посакувам.
Освен да го вратат времето
или барем
да престане да пече.“