Британските вооружени сили извршија ретка операција во каналот Ламанш, пресретнувајќи танкер што, според Лондон, припаѓа на руската „флота во сенка“. Операцијата за која британскиот премиер Кир Стармер изјави дека лично ја нарачал доби пофалба и од претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Снимките објавени од британското Министерство за одбрана покажуваат вооружени маринци како од хеликоптер се спуштаат со јажиња на палубата на танкерот „Смиртос“, по што започнале претрес на кабините и проверка на документацијата на бродот.
Во акцијата учествувале припадници на Кралската морнарица, офицери на Националната агенција за борба против криминалот и сили поддржани од британското воено воздухопловство.
Британското Министерство за одбрана соопштило дека операцијата е спроведена во меѓународни води, повеќе од 12 наутички милји од британскиот брег и во согласност со домашното и меѓународното право.
– Оваа успешна операција задава уште еден удар врз Русија и ги потсетува оние што ја поттикнуваат војната на Путин дека нема да му биде дозволено да се крие – порача Стармер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави британската акција и оцени дека Европа треба да оди чекор понатаму.
– Треба да се овозможи не само задржување на танкерите, туку и запленување на нафтата што ја транспортираат – порача Зеленски.
Дополнителен интерес за случајот предизвика истрагата на британскиот весник „Тајмс“, според која припадници на руската приватна воена компанија Вагнер учествувале во обезбедувањето на дел од танкерите од „флотата во сенка“ додека минувале низ Ламанш.
Терминот „флота во сенка“ се користи за стотици танкери кои Русија ги користи за транспорт на нафта надвор од западниот санкциски режим. Западните држави тврдат дека токму преку овие бродови Москва продолжува да остварува значителни приходи од извоз на енергенси.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
