Background

СОПРУГАТА НА ШПАНСКИОТ ПРЕМИЕР ОБВИНЕТА ЗА КОРУПЦИЈА

Сопругата на шпанскиот премиер Педро Санчез, Бегоња Гомез, ќе оди на суд за корупција, а до изрекувањето на пресудата ѝ се забранува напуштање на земјата, одлучи во саботата надлежниот судија.

Овој случај е само еден во низата корупциски афери кои го опфатија семејството на социјалистичкиот лидер и неговите поранешни соработници и кои ја загрозуваат стабилноста на неговата малцинска коалициска влада, пишува Франс 24.

Судијата Хуан Карлос Пеинадо ѝ наложи на Гомез да го предаде пасошот и ѝ забрани да ја напушта Шпанија. До изрекувањето на пресудата таа ќе мора да се јавува на суд двапати месечно, а како причина за овие мерки судијата ја наведе опасноста од бегство.

Повеќе кривични дела

- Advertisement -
Ad image

Во образложението на одлуката на 84 страници судијата наведе дека ќе „бидат издадени упатства до сите гранични премини, како и до цивилните и воените аеродроми“ со цел да се осигура почитувањето на забраната. Датумот на судењето сè уште не е одреден.

Судијата Пеинадо во април официјално ја обвини Гомез за проневера, тргување со влијание, корупција во бизнисот и злоупотреба на средства. Истрагата беше покрената во април 2024 година со цел да се утврди дали Гомез ја искористила својата позиција на сопруга на премиерот за стекнување лична корист, што и таа и премиерот го негираат.

Случајот се заснова на основањето и водењето катедра на мадридскиот Универзитет Комплутенсе, со која Гомез сораководела, како и на наводното користење на јавни ресурси и лични врски за промовирање на приватни интереси.

„Катедрата служела како средство за приватен професионален напредок на лицето под истрага“, напиша судијата при покренувањето на обвинението.

Политички реакции на одлуката

Случајот произлезе од тужбата покрената од антикорупциско здружение поврзано со крајната десница.

„Денес е ужасен ден за сите нас кои веруваме во правдата“, напиша министерот за правда Феликс Болањос на социјалната мрежа Х, додавајќи дека е уверен оти „вистината на крајот ќе победи“.

Функционерите на Социјалистичката партија ја критикуваа одлуката за забрана на напуштање на земјата, оценувајќи ја како претерана. Пеинадо во својата одлука го отфрли аргументот дека полициската заштита, која Гомез редовно ја има, би го спречила нејзиното бегство. Тој напиша дека тие полицајци „би можеле, било на сопствена иницијатива или по налог на нивните надредени, да помогнат во бегството што би ја направило обвинетата недостапна за правосудството“.

Кога во 2024 година беше отворена истрагата против неговата сопруга, Санчез на неколку дена го прекина извршувањето на јавните должности за да размисли дали ќе остане на функцијата. Санчез, еден од ретките преостанати левичарски лидери во Европа, ги отфрли обвинувањата против својата сопруга како обид на десницата да ја поткопа неговата влада.

Низа корупциски афери

Минатиот месец и против поранешниот социјалистички премиер Хозе Луис Родригез Запатеро беше покрената официјална истрага поради сомневање за тргување со влијание во врска со спасувањето на авиокомпанијата Плус Ултра во 2021 година. Запатеро ги негираше обвинувањата, додека Санчез изрази „целосна поддршка“ за својот ментор.

Се очекуваат и пресуди во одделни судења за корупција против поранешниот близок соработник на Санчез, Хозе Луис Абалос, и неговиот брат Давид Санчез. Абалос, поранешен влијателен социјалист и министер за транспорт кој му помогна на Санчез да дојде на власт во 2018 година, е обвинет за примање мито при доделување повеќемилионски јавни договори за медицинска опрема за време на пандемијата на Ковид-19.

Давид Санчез, композитор и диригент, е обвинет за фаворизирање при вработување во јавниот сектор.

Санчез одбива оставка

Овие афери го доведоа во непријатна ситуација Санчез, кој дојде на власт со ветување дека ќе ја исчисти шпанската политика, откако со гласање недоверба ја урна конзервативната влада на Народната партија (ПП), која беше вмешана во сопствен корупциски скандал.

Санчез, вешт политичар познат по тоа што успева да се извлече од тешки ситуации, повеќепати ги одби повиците на опозицијата да поднесе оставка и да распише предвремени избори поради сè поголемиот број корупциски скандали. Самиот премиер не е осомничен во ниту еден од наведените случаи.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation