Ширењето и можната употреба на нуклеарно оружје стана речиси секојдневна тема во европскиот јавен простор во последните години, изјави денеска постојаниот претставник на Русија во Организацијата на договорот за колективна безбедност, Виктор Василиев.
– Темата за нуклеарно ширење, а особено употребата на нуклеарно оружје, неодамна стана практично рутинска, особено на европскиот континент – рече Василиев за руските медиуми.
Финска, балтичките земји и другите источноевропски држави ја покажаа својата подготвеност да распоредат нуклеарно оружје или средства за негова употреба на нивна територија, додаде тој.
Василиев оцени дека последиците од атомските напади врз Хирошима и Нагасаки се „целосно заборавени“, како и претходните движења против нуклеарното оружје и апелите на научниците и лекарите од целиот свет.
Тој додаде дека, според ставот на Москва, има кршење на Договорот за неширење на нуклеарно оружје.
Претходно, заменик шефот на руската дипломатија, Александар Грушко изјави дека зголемувањето на нуклеарните капацитети на Велика Британија и на Франција придонесува за „ескалација на трката во нуклеарно вооружување“ и дека тоа е во спротивност со целите на Договорот за неширење на нуклеарно оружје.


