СДСМ: Двајца Мицкоски и за младите
Мицкоски изјави дека „младите се враќаат во татковината“ и дека новата генерација има „поинакви предизвици“.
Во исто време, во истиот контекст, предупреди дека „ако младите продолжат да си заминуваат, нивното место ќе го заземат луѓе од трети земји“.
Од кои трети земји, кога Македонија е во таа група? Да не мисли на мигранти?
Ова се две меѓусебно исклучувачки пораки од еден ист премиер, во еден ист ден.
Ако младите навистина масовно се враќаат, зошто тогаш зборува за тоа дека нивното место ќе го заземат странци?
Ако младите продолжуваат да заминуваат во толкава мера што треба да се доведуваат луѓе од трети земји, тогаш целата приказна за „враќање во татковината“ е обична лага и политички маркетинг.
Ова е уште еден доказ дека Мицкоски и ВМРО немаат ниту сериозна демографска политика, ниту вистинска стратегија за задржување на младите.
Имаат само противречни изјави, приспособени на дневните потреби на медиумскиот наратив.
Наместо да создаваат услови младите да останат и да се враќаат преку работни места, повисоки плати, станбена политика и европска перспектива, тие продолжуваат со празни фрази и спинови.
Граѓаните веќе не веруваат во овие противречности.
Младите не се враќаат затоа што нема ЕУ-интеграција, нема перспектива. Младите не сакаат да се вратат во изолирана Македонија, слепо црево на Балканот.
А Мицкоски, наместо да ја решава таа реалност, продолжува да ја маскира со контрадикторни изјави.
Но, ова не е прв пат Мицкоски да има две различни лица и две спротивставени позиции.
Кога беше во опозиција, Мицкоски остро се спротивставуваше и го напаѓаше Преспанскиот договор.
Денес, како премиер, го нарекува „ремек-дело на дипломатијата“ и вели дека е најдоброто што можело да се постигне. Сиљановска го потврди тоа – заштитени се културата, јазикот и националниот идентитет.
Кога беше во опозиција, беше против влезот во НАТО. Денес оваа организирана криминална група, ВМРО, тврди дека НАТО е „најдоброто за безбедноста и за странските инвестиции“, во исто време кога инвестициите паднаа за 60%.
До пред два месеца најавуваше Влада со полн мандат, а сега постојано повикува на предвремени избори.
Сега, кога станува збор за младите, ја повторува истата шема.
Едниот Мицкоски вели дека младите се враќаат. Другиот Мицкоски вели дека, ако не се вратат, нивното место ќе го заземат луѓе од трети земји – мигранти (економски работници, како што ги нарекува сега).
Ова не е политика. Ова е политичка шизофренија и континуирано менување на позициите според моменталната потреба.
Граѓаните веќе не веруваат во овие противречности. Едниот Мицкоски лаже, другиот ги правда лагите. А вистината е дека младите не се враќаат затоа што оваа Влада нема ниту капацитет, ниту волја да создаде услови тие да останат или да се вратат.
Ете, двајца Мицкоски, па нека си избере секој кого сака.
Оној што лаже или оној што се правда затоа што лаже.