Руските сили извршија масовен напад со бомби врз Запорожје, главниот град на истоимениот регион во јужна Украина. Во нападот, во кој беа употребени бомби едрилици, тешки повеќе од 1.000 килограми, загинаа најмалку 13 лица, а 109 беа ранети, јавува украинската страна, објави Би-Би-Си.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на својот профил на Икс објави снимки од уништувањето и ја обвини Русија за терор врз цивилите.
„Нема ништо посурово од лансирање бомби едрилици врз град, знаејќи дека обичните цивили ќе страдаат. Русија мора да го почувствува притисокот поради нејзиниот терор. Мора да се поддржи заштитата на животот во Украина. Само со сила таква војна може да заврши со траен мир“, рече Зеленски.
Овој напад доаѓа во време кога руските сили го засилуваат притисокот долж Запорожјскиот фронт, особено во правец на Орешник и Вербово каде што се водат жестоки борби.
Во претходните денови руската армија напредуваше во јужниот и во југоисточниот дел на фронтот, додека Украина се соочува со зголемен недостиг на муниција и со проблеми во мобилизацијата.
Украинските воени извори признаваат дека Русија користи тактика на исцрпување, со интензивни бомбардирања и со напади со беспилотни летала, додека, пак, копнените сили продолжуваат со помал, но постојан напредок во клучните сектори на фронтот.
Ако рускиот притисок врз Запорожје продолжи со ова темпо, прашање е колку украинските сили ќе можат да го издржат овој интензитет на напади, особено во светло на доцнењето на западната воена помош.