Цените на дизелот во Франција достигнаа рекордни нивоа, бидејќи растот на цените на нафтата и високите трошоци за рафинирање продолжуваат да ги зголемуваат цените на горивото низ Европа.
Како главни причини за поскапувањето се наведуваат војната на Блискиот Исток и прекините во глобалното снабдување со нафта, а Франција сега се вбројува меѓу земјите од ЕУ со најскапо гориво.
Според анализата на АФП, цената на еден литар дизел во Франција во неделата достигнала рекордни 2,41 евро. Пораснаа и цените на бензинот; литар од најпродаваниот бензин SP95-E10 чинеше над 2,17 евра, додека цената на SP98 надмина 2,28 евра.
Наглиот раст на цените не е ограничен само на Франција, туку ја погодува целата Европска унија. Податоците на Европската комисија од 14 септември покажуваат дека просечната цена на бензинот во ЕУ изнесувала 2,063 евра за литар, додека просечната цена за литар дизел била 2,159 евра. Ова се највисоките нивоа забележани откако Европската комисија почна да ги следи овие податоци во 2005 година.
Иако Франција е меѓу членките на ЕУ со највисоки цени на горивото, Германија, Холандија, Данска и Финска имале уште повисоки цени во моментот кога биле евидентирани податоците.
Една од клучните причини за наглиот раст на цените во последните месеци е војната на Блискиот Исток. Цените на глобалниот пазар растат уште од февруари, кога САД и Израел влегоа во конфликт со Иран. Обновениот конфликт во Јемен и нападите врз енергетската инфраструктура во Саудиска Арабија извршија дополнителен притисок врз пазарот.
Цената на суровата нафта од типот „Брент“ останува над 100 долари за барел. Иако во последните денови е забележан благ пад, тој следи по раст на цената од околу 20 проценти во текот на септември.
Конечните цени на горивото не се одредуваат само од цената на суровата нафта. Значаен фактор се и високите маржи за рафинирање во Европа – разликата помеѓу цената на суровата нафта и велепродажната вредност на рафинираните производи. Додека се проценува дека маржите за бензинот веќе го достигнале својот врв, се очекува маржите за дизелот дополнително да пораснат.
Овој нов удар врз џебовите на возачите истовремено поттикнува страв од социјални немири. Француските власти се особено загрижени поради можното повторување на протестите на „жолтите елеци“ од 2018 година, кои беа предизвикани токму од цените на горивото.
Експерти од Европската централна банка (ЕЦБ) изјавија за „Еуроњуз“ (Euronews) дека притисокот врз цените на дизелот би можел да потрае одредено време.
„Врз основа на фјучерс-договорите за дизел од 16 септември, очекуваме маржите за дизел да го достигнат својот врв во октомври. Маржите за бензин го достигнаа врвот уште во август“, наведоа тие. Исто така, истакнаа дека ставањето крај на конфликтот на Блискиот Исток и нормализирањето на тековите на енергенси и процесите на рафинирање би биле клучни за стабилизирање на цените.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
