Во акциска контрола на полицијата во Тетовско, приведени се 39 државјани на Албанија кои нелегално работеле на градилиште во селото Стенче, општина Брвеница. Контролата била спроведена вчера, во координација со повеќе инспекциски служби.
Според информациите на Министерството за внатрешни работи, акцијата се одвивала на 15 октомври во периодот од 12 до 18:30 часот, при што полициските службеници од СВР Тетово, заедно со Државниот инспекторат за труд, Пазарниот инспекторат и инспектори од Одделението за прекуграничен криминал, миграција, странци и реадмисија – Тетово, извршиле контрола кај градежна фирма во сопственост на лице од Тетово, идентификувано со иницијалите Е.З.М.
„На терен беа затекнати 39 лица, сите државјани на Албанија, на возраст меѓу 20 и 65 години, кои вршеле градежни активности без соодветна дозвола за работа. Утврдено е дека тие го злоупотребиле туристичкиот престој и престојувале спротивно на целта, поради што се приведени во полициска станица“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Сите приведени лица се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни пријави против нив и против сопственичката на фирмата.
Од полицијата најавија дека ваквите контроли ќе продолжат и во следниот период, со цел спречување на нелегалната работа на странски државјани и заштита на трудовите права.