Основниот суд во Охрид му одреди притвор во траење до 30 дена на 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за насилството врз 26-годишната Сара Ѓорѓиеска, кое се случи на 15 ноември. Против него Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Според Обвинителството, при вршење семејно насилство, обвинетиот противправно ја затворил девојката, физички ја нападнал, ѝ нанел телесни повреди и ја загрозил нејзината сигурност.
Во текот на истражните дејствија, јавниот обвинител ја испитал оштетената во присуство на претставници од социјалните служби, а било наредено и извршено вештачење за видот и карактерот на повредите. Заедно со обвинението, до судот бил доставен и предлог за притвор, кој сега е прифатен.
Според првичните информации од Министерството за внатрешни работи, нападот се случил на 15 ноември околу 2 часот по полноќ. Расправијата започнала пред локал во Охрид, а продолжила во неговиот автомобил, каде што тој физички ја нападнал својата 26-годишна партнерка.
Откако го запрел возилото, нападот продолжил. Девојката изгубила свест, Корабоски ја исфрлил од возилото, а таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Корабоски бил лишен од слобода во 5:05 часот, неколку часа по нападот. Подоцна, при полициското постапување, кај него биле измерени 1,29 промили алкохол во крвта, соопшти портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Случајот предизвика реакции во јавноста откако по првичното приведување, на Корабоски му беа определени мерки на претпазливост, наместо притвор.
Според претходно објавените информации, му било забрането да ѝ се приближува на Сара на помалку од 50 метри, му бил одземен пасошот и му била изречена обврска секој втор понеделник да се јавува во судот.
Претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски, тогаш објаснил дека судот постапил по предлогот на Обвинителството, кое побарало мерки на претпазливост, а не притвор.
На 16 ноември Корабоски повторно бил приведен, по нови околности во предистражната постапка. Обвинителството потоа поднело обвинение за три кривични дела и побарало притвор.
Од Обвинителството посочиле дека дополнително собраните докази и проширувањето на правната квалификација, особено во делот на загрозувањето на сигурноста, влијаеле врз проценката за опасност од повторување на насилството. Според тоа објаснување, притворот по поднесеното обвинение може да трае до 30 дена.
Случајот доби дополнително внимание откако се огласи и мајката на девојката, Ирена Ѓорѓиеска. Таа на социјалните мрежи изнесе сериозни обвинувања за однесувањето на осомничениот и побара институциите темелно да го испитаат случајот.
Меѓу другото, таа тврдеше дека телефонот на нејзината ќерка бил намерно искршен за да не може да побара помош, како и дека во моментите кога Сара била во бессознание, осомничениот мислел дека е мртва и побарал помош од својот татко за да се ослободи од нејзиното тело. Овие тврдења беа пренесени како наводи на мајката и не се дел од официјалниот опис на обвинението објавен од Обвинителството.
Покрај тоа, во полицијата бил пријавен и таткото на Сара, откако мајката на Корабоски пријавила дека тој телефонски му упатувал закани на нејзиниот син и на семејството. МВР соопшти дека и таткото на девојката бил лишен од слобода, а против него бил најавен соодветен поднесок.
Tagged as:
ПРИТВОР ДО 30 ДЕНА ЗА КРИСТИЈАН КОРАБОСКИ ПО НАПАДОТ ВРЗ САРА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
