Пред повеќе поранешни американски претседатели, холивудски ѕвезди и музички легенди како Стиви Вондер, Брус Спрингстин и Кристина Агилера, Мишел Обама беше вистинската ѕвезда на отворањето на Претседателскиот центар во Чикаго. Поради нејзиниот емотивен говор, поранешниот американски претседател не можеше да ги скрие емоциите.
Имено, најсилниот момент на вечерта беше кога Мишел Обама застана пред присутните и реши да направи нешто што, како што самата рече, нејзиниот сопруг никогаш не би го направил – јавно да ги наброи неговите доблести.
– Пред многу години ми рече дека не може да ми го вети светот, но може да ми вети интересен живот. А потоа успеа да ми ги даде и двете – рече Мишел, предизвикувајќи бурен аплауз.
Таа потсети на годините минати во Белата куќа и на сите предизвици со кои се соочувал како прв афроамерикански претседател на САД.
– Осум години беше во најголемиот оган и ниту еднаш не се скрши под притисокот. Ниту еднаш не дозволи тој притисок да те промени. Наместо тоа, го покажа својот тврдоглав оптимизам, својата храброст, чесност и морална сила – рече таа.
Особено емотивен беше делот во кој зборуваше за неговото потекло и вредностите што ги добил од своето семејство.
– Никогаш не заборави кој си и од каде доаѓаш. Никогаш не ги заборави луѓето од работничките квартови во Чикаго, студентите што ги подучуваше и соседите што ги организираше. Никогаш не се откажа од идеалите што ги имаше кога првпат се запознавме.
Камерите во тој момент го уловија Барак Обама како ги брише солзите, додека публиката застана на нозе.
Но говорот на Мишел не беше само љубовно писмо до нејзиниот сопруг. Таа испрати и силна порака за состојбата во американското општество, нагласувајќи дека демократијата опстојува само кога луѓето се гледаат и се почитуваат меѓусебно.
– Никој нема право да одлучува кој е доволно Американец. Сите сме создадени еднакви и сите имаме вредност – порача таа.
Поранешната прва дама на САД го опиша новиот центар како „светилник на надежта“ и место што треба да ги потсетува луѓето на вредностите како еднаквост, емпатија, чесност и солидарност.
– Надежта е избор. Да го користиме својот глас е избор. Да гласаме е избор. Да бидеме добри луѓе е избор – рече Мишел.
На крајот од церемонијата, додека Кристина Агилера ја пееше „Каков прекрасен свет“, а присутните ја следеа во еден глас, беше јасно дека најсилниот впечаток од вечерта не го оставија ниту музичките настапи, ниту политичките говори, туку искрените зборови на Мишел Обама.
Инаку, станува збор за комплекс кој се простира на 19,3 хектари и вклучува музеј, библиотека, јавни програмски простори, спортски центар и надворешни површини наменети за заедницата.
Меѓу познатите гости на официјалното отварање беа Џо Бајден, Бил Клинтон, Џорџ Буш Помладиот и нивните сопруги, како и Опра Винфри, Том Хенкс, Стивен Спилберг, Гејл Кинг, Камала Харис, Ненси Пелоси, Џастин Трудо и Ангела Меркел. На настанот присуствуваа и ќерките на Барак и Мишел Обама, Малија и Саша Обама.
Музичкиот дел од програмата го одбележа Кристина Агилера, која ја изведе омилената песна на Барак Обама, „Каков прекрасен свет“ од Луис Армстронг. На настанот настапија и Стиви Вондер, Брус Спрингстин, Боно и Еџ од групата У-2, Џенифер Хадсон, Џон Леџенд, Марк Ентони, Комон, Еди Ведер, Темс и групата „Д Рутс“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
