Изборен предмет Сеопфатно сексуално образование во средно образование ќе нема. МОН одлучи да ја повлече наставната програма за да се направи ревизија, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска по реакциите за воведувањето на овој предмет по избор за средношколците од прва до четврта година.
– Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста, да видиме дали навистина во програмата има нешто за што би можело да има забелешки. Инаку, во програмата има теми: семејство, има заштита од сексуално преносливи болести, има заштита од несакана бременост, има рамноправност на половите, има тема за недискриминација меѓу половите. Но, повторувам, веќе го замолив Бирото за развој на образованието, оти јас не сум стручна, но и лично ќе се ангажирам, збор по збор да ја поминеме програмата, да видиме што е тоа што е проблем во неа – изјави Јаневска.
Како што рече, постојат научни докази дека сексуалното образование во средното образование е корисно во периодот кога децата на таа возраст се соочуваат со темите обработени во овој предмет. Предметот бил изборен и можело да го слушаат само средношколците што сакаат, од прва до четврта година.
– Меѓутоа, должност на министерот за образование и наука е да ги слушне сите што имаат какви било коментари за образовниот систем – додаде Јаневска.
Таа се осврна и на резултатите од ПИСА за кои рече дека повторно се многу лоши.
– Сакам да потенцирам дека ова се резултати од реформите што се претходно направени. Ние на власт дојдовме во 2024 година, само шест месеци потоа во 2025 се направени овие тестирања – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска откако Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) вчера ги објави резултатите од меѓународното оценување ПИСА 2025 на учениците од 15 години.
Според неа, резултатите на реформата, која во моментот се прави во македонскиот образовен систем, ќе бидат видливи за десетина години.
– За жал, во 2001 година сме имале подобри резултати на читање и разбирање. Најдобри резултати сме имале во 2018 година, што, според наставниците и анализата, е резултат на реформата „Кембриџ“. Резултатите на оваа реформа, која во моментот се прави, ќе ја видиме тогаш кога овие ученици ќе наполнат 15 години, што значи некаде за 9-10 години. За жал, не станува збор само за програмите. Ќе мора да обрнеме многу повеќе внимание и на другите елементи што го сочинуваат образовниот систем. Но постојат и други тези дека целата општествена ситуација во одредени земји, глобалната ситуација, значително влијае. Сè уште не можеме да тврдиме дека само вештачката интелигенција дава сериозен придонес на ова. Можеби повеќе социјалните мрежи, неконтролираната употреба на телефоните и таблетите. Ќе се справуваме на класичен начин, она што постојано го промовираме: децата мора да научат да пишуваат и читаат на традиционален начин, да ги развиваат својата моторика и својот ум, а наставниците треба да ги научат како да ја користат технологијата во правец на критичко размислување, критичка анализа. Затоа и спомнав дека не е само еден елемент што влијае на резултатите – изјави Јаневска.
Во однос на користењето мобилни телфони во наставата, министерката рече дека „во огромен број училишта во Македонија телефоните не се употребуваат во текот на целиот ден“.
– Децата ги оставаат телефоните во специјално направени направи за тоа – кутии или некакви платнени формати, каде што ги оставаат. Наставниците изречно го бараат тоа. Ги користат во исклучителни случаи и тоа само во оние училишта во кои сè уште нема обезбедено информатичка технологија да помогне во тоа – одговори Јаневска.

