Меѓу убиените во масакрот во ресторанот во Цетиње е убиен и сопственикот на угостителскиот објект, чии 2 деца, исто така се убиени, а нивната мајка е тешко ранета и лекарите вечерва се борат за нејзиниот живот.
Осомничениот за повеќекратните убиства Ацо Мартиновиќ (45) е опколен од полицијата во еден објект во населбата Горњи Обод, во близина на неговиот дом. Според црногорските медиуми, тој се заклучил во една сала. Претходно полицијата го пронајде неговото возило.
Според она што досега е познато, Мартиновиќ најпрвин убил 4 лица во кафеана во населбата Бајице. Потоа се упатил кон другиот крај на градот, каде влегол во куќа во која ги убил двете деца и ја ранил сопругата на сопственикот на ресторанот, објавија црногорските медиуми.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора Данило Шарановиќ вечерва соопшти дека во трагедијата во Цетиње загинал сопственикот на угостителскиот објект „Велестово“ и некои членови на неговото семејство. Шарановиќ рече и дека меѓу жртвите има и членови на семејството на осомничениот убиец Ацо Мартиновиќ.
– Сите расположливи капацитети на Полициската управа, предводена од директорот на Управата на полицијата, се во Цетињe, со цел да се лиши од слобода осомничениот за овие убиства. Убиени се неколку лица, меѓу кои и сопственикот на ресторанот и некои членови на неговото семејство, како и членови на семејството на осомничениот за убиствата – рече Шарановиќ.