Доколку Исланд гласа за рестартирање на преговорите за членство во ЕУ на референдум на крајот од месецот, земјата и Црна Гора би можеле да станат членки на Унијата истовремено, а Брисел, според европските претставници и дипломати, е отворен за идејата двете земји да се приклучат кон ЕУ „како пакет“.
Европската комесарка за проширување, Марта Кос, изјави за порталот Политико со седиште во Брисел дека Исланд е „посебен случај“ бидејќи е членка на Европската економска зона и Шенген, предвидувајќи дека преговорите би можеле да траат само „една или две години“ ако гласањето за рестартирање на преговорите се одржи на 29 август.
Висок функционер на Европската комисија вклучен во проширувањето потврди под услов на анонимност дека Исланд брзо ќе ја стигне Црна Гора, која затвори повеќе од половина од 33-те поглавја од преговорите и сака да се приклучи на ЕУ во 2028 година.
Друг функционер на Комисијата рече дека постои голема можност за пакет Црна Гора-Исланд, каде што земјите-членки би го ратификувале членството на двете земји. Како што додаде тој, Исланд е богата земја и би бил нето придонесувач во буџетот на ЕУ, ефикасно плаќајќи за членството на Црна Гора, која би била меѓу најсиромашните членки на блокот.
Порталот од Брисел потсетува на заедничкото пристапување на Шпанија и Португалија во ЕУ во 1986 година и на Бугарија и Романија во 2007 година, при што членовите потоа ратификуваа единствен договор за пристапување. Во согласност со еден единствен договор, десет земји исто така се приклучија на ЕУ во 2004 година. Црногорската министерка за европски прашања, Маида Горчевиќ, за „Политико“ изјави дека Подгорица би била среќна да ја поврзе својата кандидатура со Рејкјавик, додека исландската министерка за надворешни работи, Торгердур, Катрин Гунардотир, рече дека заедничкото пристапување е „апсолутно“ можно.
Еден дипломат рече дека заедничкото влегување во членство е „најдобро сценарио“, а друг рече дека обединувањето би можело да помогне во придобивањето на Франција, која би можела да има претседател од крајната десница следната година, кој се спротивставува на проширувањето на ЕУ. „Пакетот Црна Гора-Исланд би ги зајакнал обете кандидатури“, изјави дипломатот за „Политико“.
Во исто време, Кос рече дека ЕУ е подготвена да биде „креативна“ за да го внесе Исланд во ЕУ и да избегне уште еден прекин на преговорите.„Некои од спецификите на Исланд, особено во рибарството и земјоделството, се толку уникатни што мора да се земат предвид“, рече таа, додавајќи дека е уверена дека ЕУ ќе најде креативни решенија што ги почитуваат двете страни.
Неодамнешните анкети покажуваат дека Исланѓаните се поделени околу тоа дали да ги отворат повторно преговорите со ЕУ, кои Рејкјавик ги замрзна во 2013 година, делумно поради спорот со Брисел околу правата за риболов. Откако ќе завршат преговорите, доколку ги има, Исланд ќе мора да одржи уште еден референдум за членство во ЕУ.
Гунарсдотир, која припаѓа на про-ЕУ партијата, за Политико изјави дека Исланд денес е во многу подобра позиција отколку во 2009 година за да преговара за договор што ги штити рибарството, земјоделството и природните ресурси. Таа, исто така, ги отфрли критиките од оние кои се плашат од Исланѓаните за членството во ЕУ и рече дека верува оти граѓаните нема да ја пропуштат големата можност што им се нуди.
Меѓу противниците на членството во ЕУ е и поранешниот претседател Олафур Рагнар Гримсон, кој верува дека исландската влада би се изгубила во бирократската „џунгла“ на Унијата ако се приклучи. Гримсон, кој беше претседател рекордни 20 години (1996-2016), рече дека Исланд, со население од околу 400.000, ќе ја замени Малта со 590.000 и ќе стане најмалата членка на ЕУ и дека ќе има проблем со недостиг на работна сила во преговорите со Брисел.
Според него, со само 600-700 службеници во клучните министерства, би било речиси невозможно гласот на Исланд да се чуе во ЕУ. „Огромен број, десетици илјади бирократи во Брисел… армија од лобисти… тоа би била бирократска џунгла“, рече Гримсон.
Гудрун Харфштајнсдотир, шефица на најголемата опозициска партија во Исланд, се согласува дека новите преговори со ЕУ би „искористиле“ поголем дел од веќе оскудната државна служба на Исланд.
Tagged as:
Политико: Црна Гора и Исланд би можеле да се приклучат кон ЕУ како пакет
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
