Лионел Меси бил главната мета на терористички закани за време на Светското првенство, покажуваат доверливи безбедносни извештаи на Федералното биро за истраги (ФБИ), до кои ексклузивно дошол шпанскиот медиум „Пренса Иберика“.
Според извештаите, за време на Мундијалот ФБИ го координирал Меѓународниот центар за полициска соработка, во кој учествувале американски безбедносни служби и претставници од земјите учеснички. Центарот ги следел сите потенцијални закани – од можни терористички напади и агресивни навивачи до закани упатени кон фудбалери и судии.
Најсериозната закана против аргентинската ѕвезда пристигнала пред натпреварот меѓу Аргентина и Јордан во Далас. Непознат маж телефонски пријавил дека заедно со уште две лица се движат кон стадионот вооружени со импровизирани експлозивни направи и полуавтоматска пушка АР-15, најавувајќи напад врз полицајци и фудбалери. Во заканата Меси бил посебно споменат како цел.
Само неколку дена подоцна, пред дуелот Аргентина – Египет во Атланта, на социјалната мрежа „Икс“ била објавена порака во која корисник тврдел дека ќе влезе на стадионот со четири бомби прикачени на телото за да го убие аргентинскиот капитен. За време на истиот натпревар бил пријавен и сомнителен повик за поставени три бомби на стадионот, по што специјални полициски единици со кучиња трагачи извршиле детална проверка на објектот.
Извештаите покажуваат дека, додека Меси бил најчеста цел на закани, Кристијано Роналдо бил најчесто прогонуваниот фудбалер. Во Хјустон бил уапсен маж кој се распрашувал каде е сместен португалскиот ас, а во Торонто навивач се обидел да влезе во лифтот со него за да направи селфи. Дополнителни инциденти биле регистрирани и во Мајами, како и за време на натпреварот Португалија – Хрватска, кога навивач втрчал на теренот.
Безбедносните служби регистрирале закани и кон други фудбалски ѕвезди. Килијан Мбапе бил изложен на ксенофобски навреди, а во Парагвај дури била запалена кукла со негов лик. Норвешкиот репрезентативец Александер Серлот и неговата сопруга добиле сериозни закани поради промашена гол-шанса, додека колумбискиот фудбалер Хаминтон Кампас од безбедносни причини не се вратил дома со репрезентацијата. Закани добил и францускиот дефанзивец Лука Дињ.
Особено драматична била ситуацијата со селекторот Хон Мјонг-Бо и репрезентацијата на Јужна Кореја, кои по елиминацијата биле под силно полициско обезбедување поради смртни закани.
Најтежок случај, според документите, бил оној на францускиот судија Франсоа Летексие по контроверзниот натпревар меѓу Аргентина и Египет. Тој добил околу 6.000 заканувачки пораки преку „Вотсап“, најголемиот дел испратени од египетски државјани.
Закани биле упатени и кон ВАР-судијата Вили Делажо, по што француската полиција морала да обезбеди дополнителна заштита за нивните домови и семејства, откако нивните адреси биле објавени на социјалните мрежи.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
