Вкупно 24 ноќен бар, кафе бар, кабаре, дискоклуб, дискоклуб на отворен простор во земјава имаат активни лиценци за работа. На 4 од нив лиценците им истекуваат во април, додека две лиценци истекуваат во мај и 3 во јуни. Само две активни лиценци има во Скопје, покажуваат податоците од денеска ажурираниот регистар на издадени лиценци на Министерството за економија. Во овој регистар се впишани 215 фирми што вршеле вакви дејности.
На име кабаре се дадени 20 лиценци, 2 лиценци се за дискоклуб и 2 лиценци се за дискоклуб на отворен простор.
Од Министерството за економија велат дека во постапка на доделување лиценца се 5 барања.
Владата најави робустна акција за утврдување на фактичката состојба со кабареата и дискотеките, по трагедијата во Кочани во која во ноќниот клуб „Пулс“ избувна пожар во кој загинаа 59 млади, а 155 беа повредени.
Државнио пазарен инспекторат денеска на целата територија на државата почна акција за контрола на овие дејности.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека ќе се затворат сите ноќни клубови кои не ги исполнуваат условите.
– Согласно Законот за угостителство, се лиценцираат кабареа, отворени и затворени дискотеки. Нивната бројка е многу поголема од тие кои имаат законски документ. Во 2007 година е сменет законот, во тие измени документите кои ги доставува правното лице кое бара лиценца, тврди под морална, материјална и кривична одговорност дека ги исполнува условите. Проблемот е што екс-официо не се проверени тие документи. Така што, овој објект од 500 и нешто квадратни метри не може по ниту една основа да биде кабаре и да бара лиценца. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките сумата која треба да се плати, надоместокот е поголем од тие што се лиценцираат за кабаре. Се истражува и бидете сигурни дека ниту еден објект кој не ги исполнува, како што стои во законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира. Со сиот ризик и критика која потоа Владата ќе ја трпи – рече Мицкоски.
Како се добива лиценца?
Министерството за економија ги издава лиценците за сите угостителски објекти во кои спаѓаат и лиценците за ноќен бар, кафе бар, кабаре, дискоклуб, согласно Законот за угостителска дејност на 1 година.
Угостителот е должен исполнувањето на условите и започнувањето со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат, на градоначалникот на општината, а во градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје според местото и седиштето на објектот, односно според местото каде што се даваат услугите, најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на угостителскиот објект. Доколку работи на отворен простор треба да обезбеди и согласност од Министерството за внатрешни работи дека ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот.
Согласно Законот за угостителската дејност, градоначалникот на општината, а во градот Скопје градоначалникот на општината на подрачјето на град Скопје, води евиденција на угостителите кои отпочнуваат со работа на нивното подрачје.
Ноќен бар, кабаре и дискоклуб не може да се врши во деловна просторија која се наоѓа во колективна станбена зграда.
Лиценцата за вршење на угостителската дејност во ноќен бар, кабаре, дискоклуб и диско-клуб на отворен простор се одзема со решение на органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството (Министерство за економија) во случаи кога носителот на лиценцата не ги исполнува условите утврдени согласно со овој закон.
Што треба да се исполни за да се добие лиценца?
Според законот за угостителска дејност за отворање ноќен клуб, кабаре, дискотека треба да се исполнат пропишаните минимално-технички услови и дополнителните услови: објектот да може да се употребува, санитарно-здравствени услови, условите за заштита при работа, заштитата и унапредување на животната средина, противпожарна заштита и условите за заштита од бучава пропишани со закон.
Минимум техничките услови се пропишани во посебен правилник, според кој, меѓу условите за вршење угостителска дејност е објектот да обезбеди рационално користење на просторот, да биде приклучен на вода, канализациска мрежа, да биде приклучен на електрична мрежа, да има телефонски и интернет врски, да може да обезбеди затоплување до 19 степени. Објектите треба да работат во согласност со прописите за заштита од пожар, според кои во угостителските објекти треба да има апарати и друга опрема за гаснење пожар. Вработениот персонал треба да биде оспособен да ракува соодветно со тие апарати и опрема.
Во правилникот се предвидува и висината на просториите но само за рестораните, а не и за диско клубовите и за ноќните барови. Во угостителските објекти височината од подот до таванот треба да изнесува најмалку 2,4 метри во собите, 2,6 метри во заедничките простории за престој, просториите за послужување и кујните.
Во минимум-техничките услови за ноќните барови, дансинг баровите, диско клубовите и сличните објекти кои се во затворен простор треба да биде обезбеден простор за играње и простор за изведување музички и слични програми.
Објектите треба да имаат клима-уред и соодветна вентилација која обезбедува промена на воздухот 20 пати во еден час.
Објектите треба да имаат соодветна звучна изолација во согласност со прописите за заштита од бучава.
Во објектите треба да има најмалку еден излез за итни ситуации за капацитет од 100 гости, а за поголем број лица соодветен број помошни излези.
Опремата на угостителските објекти се состои од седечки гарнитури или маси со столови, пулт, шанк со дозер за точење на алкохол и безалкохолни пијалаци.
Диско клубот на отворен простор треба да биде оддалечен од станбените објекти во радиус од најмалку 300 метри воздушна линија.
Минималните услови за работа на дискоклуб на отворен простор е да има простор од најмалку 300 метри квадратни и да има обезбеден простор за играње и простор за изведување на музички и слични програми.
Објектот треба да има обезбедено и помошни излези и тоа најмалку по еден за капацитет од 200 посетители. Овој вид објект после 1 часот може да користи музика со максимално дозволено ниво на бучава до 35 децибели.
Кај објекти кои нудат услуги за забава треба да постојат посебни простории кои ќе бидат означени како гардероби за уметничките групи.
Во угостителските објекти, без оглед на називот, во кои гостите покрај пулт или шанк се послужуваат со храна и пијалаци, како и оние угостителски објекти кои даваат и услуги за забава – танчарски, музички и кабаре програми (ноќен бар, дансинг бар, кабаре, дискоклуб и други слични ноќни објекти), треба да биде обезбеден простор од најмалку 0,8 метри квадратни по еден гостин несметајќи го просторот зафатен со опремата (пулт, шанк и слично).
Во правилниот се утврдува и какви и колку тоалети треба да има во објектите и како треба да бидат поставени масите.
Надоместок до 10.000 евра за дискотеките
Законот за угостителска дејност пропишува и дека за добивање на лиценцата угостителот е должен да поднесе барање за издавање лиценца на образец за платен надоместок до Министерството за економија за давање услуги за: кабаре од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност, за ноќен бар од 5.000 до 7.000 евра и за дискоклуб и дискоклуб на отворен простор од 7.000 до 10.000 евра.
Покрај тоа, треба да се достави и решение за упис во трговскиот регистар издадено од Централниот регистар на Република Северна Македонија, одлука за определување на висината на надоместокот за кабаре, ноќен бар, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор, донесена од советот на општината, а на град Скопје, советот на општината на град Скопје и пријава за исполнување минимално-технички услови за вршење угостителска дејност. Потребна е согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на внатрешните работи дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедност на сообраќајот и последно – доказ за платена административна такса од 50 денари.
Висината на надоместокот ја определува советот на општината, а за градот Скопје, Советот на градот Скопје. Уплатените пари од надоместокот 50% одат на сметка на општината, а во градот Скопје на сметката на градот Скопје, а 50% се уплатува во државниот буџет.
Работно време на кабареата и на дискоктеките
Според законот за угостителска дејност, ноќен бар и кабаре можат да работат од 20 часот до 4 часот наредниот ден, во деновите петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 20 часот до 5 часот наредниот ден, а на 31 декември до 20 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 6 часот наредниот ден.
Дискоклуб и дискоклуб на отворен простор може да работи од 19 до 4 часот наредниот ден, во деновите петок и сабота, спроти празнични денови и празнични денови, како и во периодот од 1 јуни до 31 август и во периодот од 25 декември до 15 февруари можат да работат од 19 часот до 5 часот наредниот ден, а на 31 декември до 19 часот наредниот ден, 1 и 2 јануари до 6 часот наредниот ден.
Казната за непоседување лицанца е само 4.000 евра
Кои се казните за сопствениците на кабареата и дискотеките кои работат без лиценца? Законот утврдува казна од 4.000 евра за правно лице. Истата казна е пропишана и за работа без упис во трговскиот регистар, непридржување кон пропишаното работно време, за пренесување лиценца и за служење алкохол и алкохолни пијалаци на лица под 18 години.
Казната за одговорното лице е во висина од 30% од глобата која ќе му се одмери на правното лице.
Законодавецот предвидел и дека прекршочна постапка по прекршоците предвидени во овој закон не може да се поведе, ниту да се води, ако поминат 18 месеци од денот кога е сторен прекршокот.