Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и заменик претседателот на Кабинетот на министри на Украина, Олекси Кулеба, денеска на состанок преку видео конференциска врска во име на владите на двете земји го потпишаа Протоколот за измена на Спогодбата меѓу Македонија и Украина за меѓународниот патен превоз на патници и стока.
Со измените на спогодбата се предвидува, двете земји да воведат либерализација за билатералниот и транзитниот превоз во меѓународниот патен превоз на стоки, односно истиот да се одвива без дозволи. Дополнително, се предвидува превозниците од двете земји да можат да вршат превоз за и од трети земји врз основа на дозволите што ги разменуваат Македонија и Украина во реципроцитет на годишна основа.
„Во однос на билатералниот и транзитен превоз со евро стандард 2, останува да се врши согласно разменетите дозволи на годишна основа. Двете страни ја изразија подготвеноста за унапредување и за развој и на превозот на патници“, сооппти Министерството за транспорт.
Вицепремиерот Николоски истакна дека овие измени се во духот на одличните пријателски односи меѓу Македонија и Украина, а се однесуваат на зголемување на економската соработка, како и на намалување на административните бариери во превозот на добра и патници.
„Вицепремиерот Николоски ја истакна силната подршка на Владата и македонскиот народ кон Украина и украинскиот народ, потенцирајќи ја подготвеноста за давање на континуирана помош.
Во својот меѓусебен разговор двајцата потпретседатели ги потврдија одличните односи меѓу двете земји, со заложба истите да се продлабочат во време кога за Украина следи период на опоравување од воениот конфликт. Вицепремиерот Николоски во своето обраќање заклучи дека Македонија како земја членка на НАТО е рамноправен партнер во евроатланските процеси со што даваме силен придонес кон обезбедување на светскиот мир и безбедност“, соопшти министерството.