Најмалку 39 лица загинаа во судир меѓу два воза за големи брзини во Шпанија, соопштија локалните власти.
Според весникот „Индипендент“ (The Independent), возовите се судриле нешто по девет часот, при што два вагони излетале од шините. Ова го изјави владин портпарол за регионот Кастиља-Ла Манча, додавајќи дека причините за несреќата и бројот на повредени сè уште се утврдуваат.
На фотографиите објавени на социјалните мрежи се гледаат два вагони превртени на страна во канал, а на местото на настанот се упатени екипи на итните служби.
Операторот на железничката инфраструктура „Адиф“ (Adif) соопшти дека инцидентот се случил меѓу градовите Мора и Оргас. Во судирот учествувале возови за големи брзини, управувани од компаниите „Ренфе“ (Renfe) и „Ирио“ (Irio), кои патувале од Мадрид кон Севиља.
Мануел Галан, градоначалникот на Урда – место во близина на градот Толедо во централниот дел на земјата – изјави дека итните служби побарале од него да подготви спортска сала за сместување на повредените.
„Сообраќајот на железничката линија за големи брзини Мадрид – Андалузија е во прекин по судирот во кој еден воз удрил во друг“, наведе „Адиф“ во објава на платформата X.

