Водата што истече од рудникот Тораница во Крива Река не содржи хемикалии, се работи за техничка вода, соопшти компанијата.
Оттаму информираат дека вчера во 6.30 часот одговорни вработени лица во рудникот констатирале дефект на водоводна цевка, низ која тече вода што е зафатена во јамите на рудникот и истата понатаму се користи како техничка вода, со цел да се намали зафаќањето на вода од приодните водотеци.
„Согласно протоколите за работа и пропишаните нормативи во А‐Еколошката интегрирана дозвола, протокот на вода во овие цевководи е веднаш сопрен и пристапено е кон санирање на оштетената цевка. Истовремено, согласно прописите, по писмен пат се известени надлежните органи, вклучително и Државниот инспекторат за животна средина. Покрај тоа што протокот на вода е веднаш сопрен, водата веќе присутна во цевководот продолжува да тече до целосно негово празнење, а поради значителната висинска разлика истекот формира поројно течение, поради што се заматува и коритото на Крива Река,“ соопшти компанијата.
Водата од цевководот за јамска вода, освен природни, механички нечистотии, како ситни честички и зрна од карпести материјали, мобилизирани од поројниот тек, не содржи никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на технолошкиот процес од флотацијата во рудникот, се додава во соопштението. По интервенцијата на техничката служба, се наведува, цевката веднаш е во целост санирана и системот за управување со јамски води работи нормално.
„Сакаме да ја информираме пошироката јавност дека при вчерашната случка е истечена вода која се зафаќа во рамките на јамата на рудникот и истата понатаму се користи како техничка, со цел да се намали искористувањето на чисти површинска води. Категорично тврдиме дека овие води не содржат никакви хемиски или друг вид супстанци и материи кои се резултат на процесите на флотација или депонирање на јаловината во Рудник Тораница“, велат од компанијата.
Бидејќи се работи за заматена вода со зголемени концентрации на ситни честички и зрна од карпести материјали, уверени сме дека можните влијанија врз екосистемот на Крива Река и нејзината околина се краткотрајни и целосно реверзибилни, се додава во соопштението.
„Како одговорна компанија сакаме да изразиме благодарност до сите инволвирани субјекти во овој случај за навремената реакција и секако, до жителите на Крива Паланка и околните населени места за нивното разбирање. Дополнително, во соработка со сите надлежни органи и институции транспарентно ќе работиме на процена и елиминирање на можните влијанија и благовремено ќе ја информираме јавноста за оваа тема“, соопштија надлежните од Рудник Тораница.