Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека единствен начин како може да се намали емисијата на штетни честички е од ноември до март да се смени системот на затоплување домови.
Тој рече дека се работи на тоа, но, дека е потребно време.
– За загадувањето на воздухот на цела територија на Македонија, јас сум зборувал многупати во минатото. Како инженер можам да дадам одговор, единствен начин како може да ја намалиме емисијата на штетни честички е, во периодот од ноември до март, да го смениме системот на затоплување на домовите, односно, помалку фосилно гориво, повеќе еколошки горива, меѓу кои и централното затоплување – одговори премиерот на новинарско прашање.
За да се случи тоа, според премиерот, потребна е изградба на гасни централи.
– Ние работиме за да се изградат гасни централи. Еден од петнаесетте инвеститори е таков, заинтересиран да изгради такви гасни централи. Но, за тоа ќе треба време, најмалку две до три години за сето тоа да профункционира. За да се изградат топловоди можеби повеќе, можеби пет и шест години – рече Мицкоски.
Премиерот изрази жалење што досега ништо не е сторено на тој план.
– Жалам што никој не водеше сметка за тоа. Сега гледам политички глодари кои се обидуваат на само нивен начин, глодарски, да собираат поени. Но, нема да успеат. Ние ќе работиме во оваа насока, мора да го промениме начинот на затоплување на нашите домови и да го направиме истовремено, достапен до сите граѓани. Да имаат начин да изберат како ќе ги затоплуваат домовите. Затоа, помеѓу ноември и март, кога трае грејната сезона, емисијата на ПМ2,5 И ПМ10 честички е 10, 20, 30 пати над нормалата – подвлече Мицкоски.
Изминатите денови главниот град е меѓу најзагадените градови во Европа и светот.