Енергетската заедница позитивно го оцени напредокот на земјава во спроведувањето на Националниот план за енергија и клима, а до 2030 година е предвидено обновливите извори да учествуваат со 38 отсто во финалната потрошувачка на енергија
Македонија го забрзува развојот на обновливите извори на енергија, а динамиката на зголемување на инсталираните капацитети веќе е над националната цел и индикативната траекторија предвидени со Националниот план за енергија и клима (НПЕК).
Ова е нотирано во последниот извештај на Енергетската заедница за спроведувањето на националните планови за енергија и клима и напредокот кон енергетските и климатските цели во 2025 година.
Енергетската заедница е меѓународна организација во која членуваат ЕУ и девет земји што не се членки на ЕУ, меѓу кои е и Македонија. Основана е со Договорот за основање на Енергетската заедница, потпишан во 2005 година, а целта е земјите членки постепено да ги усогласат своите енергетски пазари и правила со оние на ЕУ.
Најголем придонес во зголемувањето на производството од обновливи извори имаат фотонапонските и хидроенергетските капацитети. Со нивниот развој, расте и учеството на чистата енергија во домашното производство на електрична енергија.
Според НПЕК, Македонија до 2030 година треба да достигне 38 отсто удел на енергијата од обновливи извори во бруто финалната потрошувачка на енергија. Целта опфаќа три клучни сектори – производство на електрична енергија, греење и ладење и транспорт.
Националните цели, според оценката на Енергетската заедница, се усогласени со нејзината рамка и ги исполнуваат минималните барања во четирите категории опфатени со НПЕК.
Покрај изградбата на нови капацитети за производство на зелена енергија, во следниот период приоритет ќе бидат и намалувањето на примарната потрошувачка на енергија и зголемувањето на енергетската ефикасност.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавува и мерки за модернизација на енергетскиот систем, меѓу кои пазарно поврзување, поголемо учество на потрошувачите, сопствено производство и потрошувачка на електрична енергија, како и развој на енергетски заедници.
Во фокусот се и системите за складирање електрична енергија и паметните мерни системи, кои треба да овозможат поголема флексибилност на мрежата и подобро искористување на производството од обновливи извори.
Министерството навреме го доставило извештајот за напредокот во спроведувањето на НПЕК до Енергетската заедница, што е дел од обврските на земјата. Од министерството оценуваат дека досегашните активности го насочуваат енергетскиот сектор кон поголема енергетска сигурност, зголемено домашно производство од обновливи извори и поефикасен систем.
Tagged as:
МАКЕДОНИЈА ГИ НАДМИНА ПЛАНОВИТЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА КОН ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
