Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон (44), ја изненади светската јавност со најавата за својот прв, длабоко личен документарен филм насловен „Heal“ (Исцелување), во кој како никогаш досега отворено зборува за соочувањето со ракот и животот по дијагнозата. Документарецот, чиј трејлер беше објавен вчера (21 ноември), ќе ја има својата ексклузивна премиера на 29 ноември на британскиот сервис BBC One и платформата BBC iPlayer.
Филмот е сниман во тајност во јуни годинава, додека принцезата го изведуваше еден од најтешките планинарски подвизи во Велика Британија – Националниот предизвик на трите врва (National Three Peaks Challenge). Во рамките на само 24 часа, таа се искачи на највисоките планини во Шкотска (Бен Невис), Англија (Скафел Пајк) и Велс (Сноудон). Иако јавноста тогаш виде само неколку фотографии, камерите на продукциската куќа Detail Films всушност го документирале целото нејзино физичко и емотивно патување.
„Ракот те менува. Го менува твоето тело, те менува физички, но постои еден многу подлабок дел од она што дијагнозата за рак го поместува во тебе“, вели Кејт во емотивниот трејлер, додавајќи дека честопати токму преку болката сфаќаме дека зад неа лежи поголема убавина.
Во 30-минутниот филм, кој го води новинарката Кирсти Јанг, принцезата се среќава и разговара со други пациенти кои се соочуваат со тешки здравствени предизвици, истакнувајќи дека „не сме создадени сами да ги носиме животните товари“. Посебно трогателен момент во најавата е разговорот со нејзиниот помлад брат, Џејмс Мидлтон, кој ја придружува на дел од искачувањето. На нејзиното признание дека по завршувањето на хемотерапијата не го заѕвонила традиционалното болничко ѕвонче за крај на лекувањето, Џејмс ѝ одговара: „Можеби токму ова е твоето ѕвонење на ѕвончето“.
Трејлерот завршува со интимни сцени на прегратки со нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, и нивните три деца – Џорџ, Шарлот и Луис, по завршувањето на предизвикот.
Кејт Мидлтон ја објави својата дијагноза во март 2024 година, го заврши третманот со хемотерапија во септември истата година, а во јануари 2025 потврди дека болеста е во ремисија.
Сите приходи од дистрибуцијата на документарецот „Heal“ ќе бидат донирани во хуманитарната фондација на болницата The Royal Marsden во Лондон, каде што се лекуваше самата принцеза, со цел поддршка на пациентите со рак и унапредување на холистичката грижа. По британската премиера, филмот ќе биде прикажан и на NBC во САД (30 ноември), како и на телевизиските мрежи во Австралија и Канада.

